Министерот за надворешни работи на Република Турција, Ахмет Давутоглу во интервју за списанието на албански јазик Шења (Shenja) уште еднаш се изјасни во полза на Македонија.
Запрашан околу името, тој го посочи и досега веќе познатиот став на Турција, дека Анкара го подржува Скопје во спорот со името.
Шефот на турската дипломатија поопширно зборува и за актуелните проблеми и предизвици на Република Турција со светот и регионот, но меѓу другото тој се изјаснува и за односите на неговата земја со Република Македонија.
„Приодот на Турција кон спорот со името е многу јасен. Турција е првата држава која ја призна Република Македонија со своето уставно име и со нејзиниот национален идентитет. Таа, на Македонија гледа како на близок пријател и како партнерска и верна соработничка земја на Балканот. Во оваа насока Турција е првата земја која отворила своја амбасада во Скопје. Правото на Република Македонија да го одреди своето уставно име треба да се почитува. Меѓународниот Суд за Правда со своето решение од 5-ти декември 2011 се изјасни дека Грција со ветото кое го примени кон аспирацијата за членство на Република Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт 2008 година, ги има прекршено одговорностите кои произлегуваат од членот 11 на Времената спогодба потпишана меѓу двете земји на 13-ти септември 1995 година. Погледнато низ светлината на ова решение, ние посакуваме напорите на Македонија – на една демократска, мултиетничка и мултикултурна земја, која е од големо значење од перспективата на мирот и стабилноста на Балканот за зачленување во евро-атлантските институции – да заземат незапирлив тек”, изјави за SHENJA, министерот Давутоглу.
Тој се изјасни и за визијата која ја има Република Турција за регионот. Исто така, се произнесе и за актуелните сосотојби во Сирија, но и за „Арапската Пролет”, како и за одличните односи кои неговата земја ги негува со САД, но и за партнерствата кои се градат со другите позначајни земји во светот.
На крајот на подолго интервју тој го објаснува своето гледиште за поларизацијата и поделеноста во светот, каде истакнува: „Ние не ги земаме во предвид вештачки создадените предрасуди и поларизации врз основа на цивилизациите, културите и религиите. Јас мислам дека културната и религиозната различност не подразбира закана, туку спротивното – таа претставува богатство со високи вредности. Гледиштата дека постојат два различни блока кои се судираат еден со друг и кои имаат различна основа, именувајќи ги како „Запад” и „Исламски свет”, претставува илузија која може да создаде непосакувани последици за меѓународната заедница”.