Педесетина шефови на држави или влади или нивни високи претставници денеска заедно со францускиот претседател Франсоа Оланд ќе учествуваат на „Републиканскиот марш“ во Париз.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, на вчерашните спонтани маршеви во Франција, учествуваа околу 700.000 лица, а за денеске се очекуваа најмалку неколку милиони.
– Ниту еден терористички акт нема никогаш да го запре движењето на слободата, изјави изутринава шефот на американската дипломатија Џон Кери. Според најавите, САД на маршот во Париз ќе бидат претставени од секретарот за правда Ерик Холдер, иако се појавија гласини дека лично претседателот Барак Обама ќе допатува во францускиот главен град.
Во Париз на „Републиканскиот марш“ меѓу другите ќе учествуваат и германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Шпанија, Маријано Рахој, на Италија, Матео Ренци, на Велика Британија, Дејвид Камерон и на Израел, Бенјамин Нетанјаху, претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер, кралoт на Јордан Абдула Втори и неговата сопруга, палестинксиот лидер Махмуд Абас и шефот на руската дипломатија Срегек Лавров.
Од земјите од балканскиот регионот најавено е учеството на претседтелката на Косово, Атифете Јахјага, на премиерите на Албанија и Турција, Еди Рама и Ахмет Давотоглу, на босанскиот вице-премиер и министер за надворешни работи Златко Лагумџија и на претседателката на српскиот Парламент, Маја Гојковиќ.
Се разбира целокупната француската политичка класа ќе се појави на улиците во Париз, освен Марин Ле Пен која ќе маршира во еден провинциски град, а поранешните претседатели на Франција, Валери Жискиар д’Естен и Жак Ширак поради здраствени причини нема да се појават на маршот.
За безбедноста на учесниците ќе се грижат 24 мобилни единици на француските безбедносни сили, дваесетиниа екипи на Антикриминалната полиција и 56 тимови на мотоцикли. Се на се 2.300 припадници на силите на редот. На покривите и на стратешките места се поставени елитни снајперисти, а проверени се и сите канализации и метрото.
Маршот во Париз и во другите француски градови започнува во 15 часот.