Скијачката сезона во скијачкиот центар Попова Шапка денеска и официјално почна. Снежната покривка е околу 60 сантиметри што овозможува речиси идеални услови за скијање и санкање.
Скијањето денеска е бесплатно, а се најавува и ноќно скијање. Според директорот на скијачкиот центар Перо Димитриески, новите врнежи снег ќе овозможат сите скијачки патеки и ски лифтови наскоро целосно да профункционираат. На Попова шапка има седум ски лифтови и две жичарници.
– Моментно функционираат ски лифтовите на Аеродром и Ге. Следните денови ќе ги пуштиме и останатите но за Церипашина ќе ни биде потребно уште врнежи од снег најмалку околу 20 сантиметри. Сите жичарници и ски лифтови се целосно обновени со нови сајли. Очекуваме за време на новогодишните и божиќни празнувања, како и зимскиот распуст многу туристи од земјава и странство, изјави Димитриески.
Покрај хотелот Славија каде има организиран дочек на Новата година, исполнети се и хотелот Попова Шапка, како и над петстоте викендички и останатите сместувачки капацитети во овој зимски центар.