Обидот за пуч во Гамбија и за насилно соборување на претседателот Јајха Џамех, пропадна -соопштено е во Банџул, главниот град на оваа мала западноафриканска земја.
Претседателот Џамех беше во странство, кога вчера припадници на претседатеската гарда се обидоа да изведат воен удар. Нивниот обид не успеа, откако интервенираа лојалните делови од гамбиската армија и ја задушија побуната.
Долги и жестоки претрелки се водени во близната на претседателската палата во Банџул,а воени и дипломатски извори тврдеа дека гардата се обидува со пуч да го тргне од власт Џамех.
Повеќе од 24 часови по вчерашните борби што се водеа во Банџул,се уште не се знае што навистина се случуваше во главниот град на Гамбија,како што не се знае ниту каде беше претседателот во време на „обидот за воен удар“.
Еден дел од странските посматрачи тврдеа дека Џамех престојува во Франција, додека други веруваа дека претседателот се наоѓа во Дубаи.
Денеска тој се огласи, од гамбискиот главен град потврдувајќи дека се вратил во земјата.За настаните од вчера тој го обвини соседен Сенегал.
– Постоеше обид за инвазија врз Гамбија од странство, од Сенегал, изјави претседателот во Банџул.
Јахја Џамех е претседател на оваа земја веќе 20 години, од 1994 година,кога со воен удар ја собори претходната власт.
Неговото владеење со Гамбија се оценува како „убедливо најбруталниот режим“ во Африка.
Гамбија е мала држава во Западна Африка, а нејзините убави песочни плажи на брегот од Атланскиот Океан, предизвикаа таа последниве десетина години, да се претвори во посетувана туристичка дестинација.