Семинар на тема „Процесот за заштита на соборското оро Копачка во УНЕСКО“, синоќа се одржа во Делчево.
Семинарот започна со изведба на ова соборско оро од женската и од машката играорна група при Фолклорната група „Копачка“ од село Драмче, Делчевско. Веднаш по настапот на играорците за гостите и учесниците на еднодневниот семинар беше прикажан видео записот што беше дел од апликацијата испратена до Комисијата на УНЕСКО.
Првото предавање под наслов „Значението на нематеријалното културно наследство на Република Македонија“ го одржа етномузикологот д-р Велика Стојкова Серафимовска, раководител на Националниот совет за традиционална музика при Институтот за фолклор „Марко Цепенков„ од Скопје.
„Имплементација на Конвенцијата на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО (Париз 2003) – предивици и перспективи“ беше темата на која говореше м-р Ивона Опетчевска-Татарчевска, етнокореолог во Управата за заштита на културно наследство при Министерството за култура на Република Македонија.
Кирчо Анастасов од Локалната самоуправа во Делчево направи ретроспектива на прибирањето и водењето на фото и видео документацијата за проектот.
Реферат на тема „Заштита на изворната Копачка“ поднесе Перса Стојменовска, претседател на Здружението на роднокрајни автори „Пијанечки глас“.
Музичкиот педагог Димитар Узунски, претседател на Здружението Фолклорна група Копачка направи осврт на делувањето на ЗФГ Копачка од нејзиното формирање пред 66 години се до впишувањето на ова соборско оро како трајно нематеријално богатство во листата на УНЕСКО.
Семинарот заврши со врачување на благодарници од градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански за предавачите и за сите членови на фолклорната група од нејзиното формирање до денес.