Поранешниот НБА кошаркар и член на Лос Анџелес Лејкерс, Владе Дивац на полувремето од ноќешниот дуел на „езерџиите“ против Голден Стејт погоди шут од половина терен и освои 90 илјади долари.
Натпреварот освен натпреварувачки имаше и хуманитарен карактер, а средствата кои ги освои „специјалниот“ гостин од Србија ќе бидат донирани за хуманитарни цели.
Дивац НБА кариерата ја почна во ЛА Лејкерс каде играше со легендарниот Меџик Џонсон. Во Лос Анџелес беше во периодот 1989-1996, а по осумгодишна пауза во дресот на „езерџиите“ ја заврши професионалната кариера сезоната 2004/05.
Ноќешниот натпревар го доби Лејкерс со 115:105 нанесувајќи му го само четвртиот пораз на Голден Стејт.