Земјите во развој мораат да ја намалат емисијата на гасови со ефектот на стаклена градина, дури и ако сметат дека тоа не е чесно, изјави денеска американскиот државен секретар Џон Кери, предупредувајќи дека на светот му се заканува „климатска трагедија“ доколку несогласувањата ја спречат глобалната спогодба.
– Ова е одговорност на секого затоа што вкупното количество јаглерод диоксид, тоа што е битно, не е удел на секоја држава, рече Кери во Лима каде се водат тешки преговори за светската спогдба за климата.
Преговарачите на ОН остануваат длабоко поделени околу деталите од спогодбата со која глобално загревање ќе се намали за два степена Целзиусови со намалувањето на емисиите на гасови со ефектот на стаклена градина.
Спогодбата мора да се заврши во Париз во декември 2015 година, за да може да почне да се применува од 2020 година.
Државите во развој сметаат дека Западот треба да понесе поголем товар заради материјалната корист остварена во процесот на индустријализација.
Богатите држави, од друга страна, со прст покажуваат кон џиновите во развој, како што се Кина и Индија, кои согоруваат јаглен за да го поттикнат својот забрзан развој, наведуваат француските медиуми.