Македонските пливачи Марко Блажевски и Горазд Чепишевски поставија нови рекорди на третиот ден на Светското првенство во пливање во 25 метарски базени што се одржува во Доха.
Во квалификациите на 200 метри мешано Блажевски исплива за 1:58.99 минута и за речиси пет секунди го собори досегашниот македонски рекорд на Александар Миладиновски (2:03.77) поставен во Шефилд 1998 година. Тој го освои првото место во својата група, а заврши на делба на 23.то место со Матео Пелицари од Италија во конкуренција на 50 пливачи.
Горазд Чепишевски настапи на 50 метри грбно и се пласира на 60.место во конкуренција на 107 пливачи. Чепишевски патеката ја исплива за 26.56 секунди и за 24 стотинки го подобри сопствениот рекорд поставен во 2011 година.
Утре од нашите пливачи ќе настапи Блажевски во трката на 100 метри мешано.