Познатата група „Прљаво казалиште“ ќе ги донесе безвременските хитови на претстојното издание на Вевчанскиот карневал 2015, потврди градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски.
Освен оваа група, според Угриноски, деновиве биле потпишани и договори за настап на македонските групи „Супер Хикс“ и „Љубојна“, како и за концерт на фолк пејачката Елена Велевска.
– На 12 јануари ќе настапат „Супер Хикс“ и „Прљаво казалиште“, а следниот ден публиката ќе ги проследи концертите на „Љубојна“ и Елена Велевска. Се разбира дека на карневалските денови кои ќе траат неколку дена ќе настапат и познати ди-џеи. Предвидени се и трибини, како и настап на КУД „Дримкол“ во чии рамки постои и патувачкиот театар. Старата нова година ќе ја дочекаме и со богат огномет, најави Угриноски.
Како што потврди вевчанскиот градоначалник, карневалското издание ќе почне на 9 јануари, а веќе во полн ек се и подготовките на целокупната програма.