Првиот македонски кошаркар кој заиграл во најсилната кошаркарска лига на светот, НБА, Перо Антиќ, за Гласот на Америка говори за своето искуство во НБА, личните и тимските амбици и семејството кое најмногу му недстига во САД.
Антиќ оваа сезона игра нешто помалку во просек, што е и нормално бидејќи во тимот се врати Ал Хрофорд, кој минатата сезона речиси цела ја пропушти поради повреда, но Македонецот вели дека се чувствува одлично бидејќи целосно се навикнал на стандардите на најсилната лига во светот.
„Кога дојдов тука бев малку шокиран. Вистина е дека во 2001 во Вашингтон го завршив средното училиште и дека малку без запознат со нивниот стил, но некако низ годините се навикнав на Евролигата, така што кога дојдов најмногу ми помогна тренерот кој ја следи европската кошарка. Оваа втора сезона сега е ‘меди и млеко’, уживам во играта, подготвен сум и знам што треба да направам за да ги издржам дуелите со овие атлети. Индивидуално тренирам многу повеќе, своите минути во ротацијата се обидувам да ги искористам максимално“, изјавил Антиќ, кој воедно ја потенцирал одличната атмосфера која владее во тимот на Атланта.
„Ми се допаѓа тука, сепак многу ми недостига семејството, постариот син оди во училиште во Македонија, ни недостига тоа што не сум со нив секој ден. Само поради тоа би се вратил во Европа. Инаку овде професионализмот е на многу повисоко ниво“, вели Антиќ за Гласот на Америка.