Шпанскиот премиер Маријано Рахој денеска во Барселона, за време на својата прва посета на Каталонија по одржувањето на симболичниот референдум за независност на покраината, изјави дека нема да дозволи да биде загрозено националното единство.
– Нема да дозволиме никакви закани по единството на Шпанија. Никој не треба да биде принуден да бира дали е Каталонец или Шпанец, изјави Рахој во обраќање пред поддржувачи на конзервативната Популарна партија во Барселона.
Рахој остро го критикуваше претседателот на каталонската влада Артур Мас, кој по симболичниот референдум работи на организирање предвремени регионални избори, на кои ќе биде претставена заедничка листа на кандидати што поддржуваат отцепување.
– Никогаш ниту еден лидер не изгубил толку време на организирање избори, ниту предизвикал толку многу нестабилност, истакна шпанскиот премиер, нагласувајќи дека ќе ја зачува стабилноста на Шпанија.
Каталонската влада соопшти дека на симболичниот референдум за независност, одржан на 9 ноември, гласале вкупно 2,3 милиони лица или третина од вкупниот број граѓани со право на глас. За независност гласале околу 80 отсто од гласачите, додека противниците на идејата за отцепување го бојкотираа гласањето.