Европската унија ги соопшти денеска имињата на 13 лица и пет партии кои вчера се ставени на „црната листа“ поради кршењето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
За разлика од претходните санкции, кои главно се однесуваа на руски функционери кои ги поддржаа сепаратистите од самопрогласените Доњецка и Луганска република, новите мерки се однесуваат исклучиво на Украинци кои презеле политички функции во тие области.
Меѓу 13-те лица на кои им е воведена мерка забрана за издавање виза и замрзнување на имотот во ЕУ се наоѓа и шефот на Централната изборна комисија, која ги организираше неодамна одржаните избори во Доњецк и Луганск и лидерите на политичките партии кои се кандидираа на тие избори.
Освен тоа, ЕУ воведе санкции против политички партии од Доњецк и Луганск, па тие нема да можат да имаат статус на правно лице во ЕУ.
Сметајќи ги и новите имиња, на црната листа на ЕУ се наоѓаат 132 лица и 28 правни субјекти.