Брза, едноставна и дури и не треба да ја вклучувате рерната за ова мало слатко задоволство …
Потребно е:
за чоколадното тесто:
250 гр мелени чоколадни кекси со парченца чоколадо во нив
100 гр лешници, испечени и сомелени
120 гр омекнат путер
за чоколадниот крем:
150 гр чоколадо, со поголем процент на какао во него
80 мл слатка павлака
за мока кремот:
170 мл јако црно кафе
200 гр црно чоколадо
60 гр путер
2 жолчки
10 гр желатин (или 5 ливчиња желатин)
250 мл слатка павлака, изматена во шлаг
50 мл слатка павлака
Подготовка:
– Прво подгответе го чоколадното тесто (кое не се пече). Кексите и лешниците сомелете ги и помешајте го со омекнатиот путер. Со оваа смеса обложете го калапот за торта од сите страни (и дното, но и страните на калапот) и ставете го калапот во фрижидер за да се стегне смесата.
– Сега преминете на подготовка на чоколадниот крем. Загрејте ја слатката павлака и постепено додадете го чоколадото. Мешајте додека не се растопи. Оставете чоколадниот крем малку да се излади и потоа нанесете го на подлогата од кекси и лешници. Оставете го во фрижидер да се стегне.
– Сварете го кафето и прецедете го од талогот. Треба да добиете точно 170 мл исцедено кафе. Оставете го да се излади.
– Путерот растопете во еден сад на рингла, додадете го чоколадото и полека растопете го.
– Желатинот растопете го во неколку лажици вода и оставете го 10-тина минути да набабри.
– Во чоколадото кое го растопивте во путерот додадете две жолчки и мешајте две минути. Потоа додадете ги и кафето и 50 мл слатка павлака. Додадете го и исцедениот желатин и полека измешајте. Садот вратете го уште малку на млака рингла за да се растопи желатинот убаво и да добиете хомогена смеса. Оставете да се излади.
– Во посебен сад изматете ја слатката павлака со додавање на три лажици шеќер во неа. Постепено додадете го изматениот шлаг во горната смеса, а потоа изматете со миксер да добиете хомогена смеса. Овој крем нанесете го над чоколадниот крем.
– Оставете ја тортата барем 2 часа да се лади во фрижидер.