Македонците преферираат црвено вино, за едно шише во просек одвојуваат 300 денари и најчесто купуваат за сопствено уживање, пиење во домашни услови со најблиските, а потоа и за подарок.
Според истражувањето на Институтот за агроекономика при Факултетот за земјоделски науки и храна спроведено на 241 испитаник кои го посетиле ланскиот Вински фестивал, и да имаат повисок приход, граѓаните би го купувале истото вино. Во одредени случаи наместо 300 денари, можеби би потрошиле нешто повеќе, 600, па дури и 1.000 денари.
– Фестивалот го постуваат најмногу млади до 30-годишна возраст, со високо образование. Како што велат, купуват вино еднаш до неколку пати неделно и генерално го пијат дома. Околу 70 проценти набавуваат вино во супермаркет, а преку 80 отсто пијат домашно вино, главно црвено. Притоа предничи вранецот, односно „Т’га за југ“, рече Марина Нацка од Институтот за агроекономика на денешната средба со новинарите по повод Винскиот фестивал 2014 што почнува задутре во Метрополис арената на Скопски саем.
Анкетата покажала и дека рекламите не влијаат многу зашто пиењето вино кај нас е традиција. Цената и квалитетот се во корелација.
– За поголема потрошувачка, испитаниците сметаат дека е неопходно организирање интензивна промоција, посочи Нацка.
На Фестивалот што се организира четврта година по ред и ќе трае од 27 до 29 ноември, најавено е учество на „Дивље јагоде“, Симон киселички – трио, „Нокаут“, Аренси бенд. Атракција ќе бидат „Хавана микс“ од Куба кои ќе ја забавуваат публиката сите три дена.
– Фестивалот почнува во четврток, во 19 часот, со свирка на „Деј оф“. По нив се Кубанците „Хавана микс“ кои ќе изведуваат светски хитови, но и традиционална, етно музика. Вечерта завршува со „Дивње јагоде“. Во петок е Симон Киселички со своето трио, повторно „Хавана микс“ и Нино Величковски со Алтан оркестарот, додека во сабота, на завршната вечер, настапуваат Аренси бенд, „Хавана микс“ и „Нокаут“, информира проект менаџерот на Винскиот фестивал Иво Ивановски.
Фестивалот, напомена Иваовски, претставува промоција на нашата богата винска култура и проширување на семејството на вински ентузијасти.
Посетителите ќе можат да уживаат во вкусот на околу 200 различни вина од домашните винарии, но и да пробаат странски, пред се италијански вина.
Влезниците за Фестивалот чинат 100 денари, а чашите за вино ќе се продаваат за 50 денари.
Како што рече Ивановски, минатата година на Винскиот фестивал дошле околу 10.000 лица, а годинава се очекуваат повеќе.