Рускиот вселенски брод „Сојуз“ со меѓународен екипаж во него рано утринава се закачи за Меѓународната вселенска станица, пренесе ТАСС.
Бродот „Сојуз“, со тричлен екипаж, во кој се наоѓаат рускиот космонаут Антон Шкаплеров од „Роскосмос“, Американецот Тери Вартс од НАСА и Италијанката Саманта Кристофорети од Европската вселенска агенција, синоќа беше лансиран од космодромот во Бајконур на пат за МВС.
Тројцата космонаути од „Сојуз“ ќе му се придружат на тричлениот екипаж на МВС, во кој веќе се наоѓаат руските космонаути Александар Самокутаев и Елена Серова и астронаутот на НАСА Бари Вилмор.
За прв пат на станицата, која постои 16 години, во долгорочна мисија ќе има истовремено две жени. Покрај тоа, Саманта Кристофорети е првата жена космонаут од Италија.
Врските меѓу „Сојуз“ и МВС ќе бидат отворени меѓу 7.30 и 8 часот утринава по московско време, соопшти Центарот за управување со летовите, цитиран од ТАСС.