Силни експлозии и артилериски оган се слушаат денеска во близина на аеродромот во Доњецк, во Источна Украина, наспроти обидите со преговори да се стави крај на вооружените судири.
Во близина на стратешки важниот аеродром, новинар на британската агенција Ројтерс слушнал на неколку места артилериски оган и силни експлозии во најновите судири меѓу проруските и владини сили, пренесува Танјуг.
Заменикот претседател на самопрогласената Доњецка Република Андреј Пургин изјави вчера дека проруските сили постигнале договор со украинската армија за ставање крај на гранатирањето околу аеродромот во Доњецк.
Според портпаролот на украинската армија во Киев договорот единствено значел можност за бунтовниците да ги соберат мртвите и повредените од аеродромот. – Сега гледаме дека тие ги собраа телата и повредените и повторно почнаа со напади, изјави портпаролот на украинската армија Владислав Селезњов.