Французинот Франсоа Жиси со велосипед го сруши рекордот за брзо возење со велосипед, возејќи 333км/час. Тој брзината ја постигна возејќи на пистата во Кастеле на југот од Франција, јавува дописникот на МИА од Париз.
Триесет и две годишниот Французин, љубител на екстремните спортови, како што пишува регионалниот весник „Нис Матан“, овај рекорд го реализира со помош на инженерот Арнолд Нерашер, кој го конструира моторот-ракета на велосипедот. Брзината била мерена со ЏПС уред кој регистрирал 333 км/час, откако претходниот рекорд бил од 263 км/час во 2013 година.
Според Франсоа Жиси, постојат ризици неговиот велосипед да полета на таа брзина, поради тоа тој на својот велосипед е легнат, за да ја урамнотежи тежината. Исто така пистата треба да биде рамна, бидејќи доволно е да има мала тумба и велосипедот ќе полета, бидејќи е многу лесен.
На прашањето дали има задоволство да се вози на таа брзина, рекордерот вели: „Нема задоволство, срцето чука силно, тоа е предизвик. Задоволството е кога ќе се погледнат бројките“.
Следен предизвик за Жиси е поминување на прагот од 400 км/час.