Алжирски полицајци денеска протестираа пред резиденцијата на претседателот Абделазиз Бутефлика поради насилството врз полицајците во јужните делови на земјата.
На вториот ден од протестот околу 300 полицајци во униформи, но без оружје, се собраа пред претседателската резиденција. Дел од демонстрантите се обидоа да влезат во резиденцијата, но беа спречени од обезбедувањето.
Шефот на Кабинетот на претседателот се обидел да ги смири полицајците, но бил пречекан со свирежи и барање за оставка на началникот на полицијата генерал Абделгани Хамел.
Насилството во јужните алжирски провинции и протестите во главниот град се случуваат кога се се погласни наводите дека Бутефлика е болен и не може да владее. Тој откако беше преизбран во април, не се појавува во јавноста.
Демонстрациите на полицајците во главниот град се поддршка за колегите од јужната провинција Гардаја, каде безбедносните сили се цел на напади откако се обидоа да го смират конфликтот меѓу локалните Арапи и бербери. Од декември досега во тој реон се убиени повеќе од десет луѓе, а голем број на продавници се запалени.