Европската фудбалска федерација (УЕФА) информира дека ќе поведе постапка против федерациите Србија и Албанија, поради инцидентот кој синоќа се случи во Белград, за време на натпреварот од квалификациите за Европското првенство 2016 година.
Во соопштението се вели, дека во вторник (21 октомври) дисциплинската комисија на УЕФА ќе треба да ги сослуша ставовите на двете инволвирани страни. Ден подоцна (среда – 22 октомври) ќе се разгледуваат извештаите на официјалните лица, односно, арбитрите, делегатот и специјалниот набљудувач, по што најверојатно во четврток (23 октомври) се очекува и конечна одлука на дисциплинците на УЕФА.
Првиот човек на европскиот фудбал Платини, веќе го осуди синоќешниот инцидент потенцирајќи дека не постои никакво оправдување за настанот.
Со ист став е и претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) Сеп Блатер, кој уште еднаш напомена, дека фудбалот никогаш не смее да се користи во политички цели и дека виновниците за факви и слични инциденти треба најстрого да бидат санкционирани.