Рускиот претседател Владимир Путин и германскиот канцелар Ангела Меркел телефонски повторно разговараа за ситуацијата во Украина и рускиот гас, соопшти прес-службата на Кремљ.
Путин и Меркел ја истакнале потребата од почитување на мировниот договор од Минск, првенствено за прекин на огнот, повлекување на тешкото вооружување и ефикасно следење на ситуацијата од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Меркел нагласила дека Русија има обврска да го употреби влијанието врз проруските сепаратисти во Украина, изјави портпаролот на германската влада Штефан Зајберт.
Германија ќе продолжи со поддршка на мисијата на ОБСЕ во Украина, што може да има значајна улога во планираните локални избори во Доњецката и Луганска област, изјави Меркел.
Рускиот претседател и германскиот канцелар се заложиле за што е можно побрзо уредување и исполнување на договорот за рускиот гас, соопшти прес-службата на Кремљ. Телефонскиот разговор бил одржан на иницијатива на Германија.