Вчеравечер, на плоштадот „Карпошово востание“ до Камениот мост, со настапите на Дј Тина, етно метал бендот Хроматик Поинт и браќата Тавитијан со проектот „Македонското срце чука во 7/8 такт“ со специјалниот гостин Аки Рахимовски од Парни Ваљак којшто ги изведуваше старите македонски народни песни, почна осмото издание на винскиот фестивал „Вино-Скоп“ 2014. Фестивалот официјално го прогласи за отворен градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
-Добредојдовте на осмиот по ред Фестивал на виното „Вино-Скоп“ 2014. Се надевам дека во наредниве пет дена ќе се дружите токму овде со добро вино, храна и музика. Ви пожелувам незаборавни моменти на „Вино-Скоп“ 2014, добра забава и одлично здравје, истакна градоначалникот Трајановски прогласувајќи ја оваа винска манифестација за отворена.
На овој фестивал учествуваат над 40 македонски винарии, а новитет годинава е што посетителите ќе имаат можност да пробаат и вински коктели како сангрија и вино мохито.
Вечер, на програмата на втората фестивалска вечер, посетителите на Вино-Скоп, ќе ги забавуваат Диџеј Тина, XXL, бендот „Тоа е тоа“, Фолтин и за крај Бени и Нон стоп.
На Вино-Скоп по долго време со концерт се враќаат Дарио и Миг 21, а ќе настапат и Куку Леле, Митан Проџект, Дани Димитровска, Миле Кузмановски, Благица Павловска, УскаКан Оркестар и многу други.
Паркингот до Музејот на холокаустот ќе биде отворен 24 часа за посетителите, а за оние што ќе дегустираат вино, препорачуваме да конзумираат одговорно и да не возат, туку да го користат градскиот јавен транспорт или да одат пеш.
Организаторите како и винариите учесници ветуваат добра музика, дегустација на врвни вина по цени за сечиј џеб, деликатесно мезе во катчето за храна и пет дневна забава до утринските часови.
МОТО на Манифестацијата Вино-Скоп 2014 годинава е: „Бидете дел од една различна приказна!“