Заменик обвинителот во Канцеларијата на Специјалното обвинителство на Косово, Џонатан Рател, смета дека во Косово постои „нијанса на верски радикализам“.
Според него, како што јави дописникот на МИА, состојбата е таква бидејќи во земјата има високо ниво на невработеност и сиромаштија.
– Моментно, Обвинителството спроведува две истраги кои опфаќаат голем број луѓе. Истрагите се спроведени и очекуваме во блиска иднина и покренување обвиненија. Станува збор за многу тешки обвиненија кои се поврзуваат со учество и регрутирање за терористички активности. Не може да зборувам за истрагите кои продолжуваат, но може да кажам дека со косовската полиција имаме многу добра соработка, како и со другите агенции кои помагаат во прибирањето сведочења и обезбедувањето други форми на помош, изјавил Рател за германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.
Тој додаава дека феноменот на радикализам не постои само во Косово, туку и во други земји каде млади се приклучуваат кон радиални групи, како Исламската држава и Ал Нусра.