Европската унија ја зголемува помошта за цивилното население загрозено од граѓанската војна во Сирија за 215 милиони евра.
Eвропската комисија соопшти дека 50 милиони евра ќе бидат наменети за хуманитарна помош и 165 милиони евра за финансирање на долгорочни проекти за развој во Сирија и соседните земји, во кои се наоѓаат стотици илјади сириски бегалци.
Помошта има за цел да им помогне на соседните држави на Сирија за справување со сириските бегалци и задоволување на нивните основни потреби, се наведува во соопштението на ЕК.
Комесарот за меѓународна соработка, хуманитарна помош и реакција при кризи, Кристалина Георгиева изјави дека конфликтот во Сирија не се смирува, а потребите на Сиријците се зголемуваат.
Околу три милиони Сиријци принудно ги напуштиле своите домови од почетокот на војната во 2011 година.