Сопругата на британскиот хуманитарец Алан Хенинг, кој што е грабнат од екстремисти на Исламска држава, апелира до грабнувачите да го ослободат нејзиниот сопруг.
Во соопштението кое што е објавено на британски „Форин офис“, Барбата Хенинг, наведува дека се обидела да комуницира со Исламска држава и дека им испратила „некои многу важни пораки“, но дека никој не и одговорил.
Четириесет и седумгодишниот Хенинг кој во Британија работел како таксист е киднапиран во декември минатата година во Сирија. -Алан е мирољубив и несебичен човек, кој го напушти семејството и работата за да однесе помош во Сирија-наведе таа и додаде дека ги моли луѓето кои го држат Алан во заложништво да одговорат на нејзината порака.
-Ги преколнувам луѓето од Исламска држава да погледнат во срцето кога ќе ја видат оваа порака и да го ослободат мојот сопруг-стои во пораката.
Познатиот идеолог за џихад Абу Мохамед ал Макдиси ја повика Исламска држава да го ослободи Хенинг, истакнувајќи дека исламот забранува да се повредуваат лица кои не се муслимани, а работат за хуманитарни агенции. Исламска држава претходно објави видео записи од егзекуција на двајца американски новинари Џејмс Фолиј и Стивен Сотлоф и се закани дека во знак на одмазда поради американските воени акции, следна жртва би можел да биде Хенинг.
Е. Г.