Силите за безбедност во Монровија денеска отворија оган и фрлија солзавец со цел да растераат група луѓе кои ги нападнаа со камења при обид да побегнат од карантин, кој е воведен поради еболата.
Во судирите повредени се најмалку четири луѓе.
Епидемијата од ебола досега однесе повеќе од 1.400 животи, а преку 2.300 луѓе се заразени со смртоносниот вирус.
Либерија е најтешко погодена од заразата поради што во државата се воведени вонредни мерки, меѓу кои и затворање на приодите до главниот град. Еболата се шири и во Сиера Леоне и Гвинеја, а ја зафати и Нигерија.
СЗО предупреди дека државите погодени од епидемијата почнуваат да чувствуваат недостиг од гориво и храна откако воздухопловни и поморски компании го укинаа сообраќајот кон државата.
„Бритиш Ер“ ги прекина летовите кон Монровија и Фритаун, додека синдикатот на „Ер Франс“ повика да се откажат летовите кон овие подрачја.