Еболата коси по западна Африка

Од:

Епидемијата од болеста која досега усмрти над 1.350 луѓе сеуште не достигнала врв, предупредуваат западните експерти.

– Не вршете нужда тука – натпис на влез во болницата Прв консултант во Лагос, затворена по смртта на Патрик Сојер, Американец кој вирусот на смртоносната ебола го пренесе на 20 јули од Либерија во Нигерија, најбројната земја во Африка (170 милиони жители). Смртта на Патрик Сојер во Лагос, по пет дена откако колабирал на аеродромот Муртала Мухамед, предизвика страв во меѓународната заедница, од можност за ширење на еболата надвор од границите на западна Африка.

– Лагос е огромен град со 21 милион жители, без водовод и канализација. Таквата урбана средина со меѓународно танкерско пристаниште и најголем аеродром во западна Африка е поволна околина за напредување на зарази – предупреди нигерискиот епидемиолог Чикве Ихеквеазу.

Ако Сојер не стигнеше во Лагос, којзнае кога меѓународната заедница ќе посветеше поголемо внимание на епидемијата која во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне од минатиот декември до денес однесе над 1.350 животи, додека бројот на заразени надмина 2.340.

Две годишното дете заразено со ебола во декември 2013 година во пограничниот регион на реката Мано во Гвинеја, денес се смета за нулта случај на епидемијата. Како тоа несреќно дете го добило вирусот кој до вчера спорадично се јавувал во екваторијалните прашуми на ДР Конго, Уганда и денешен Јужен Судан, останува мистерија.

Како епидемијата се проширила до либерискиот главен град Монровија, Лагос и Фритуана, главен град на Сиера Леоне, прилично е јасно.

Државните администрации на тие три сиромашни западно африкански земји (со големи странски инвестиции на наоѓалиштата на дијаманти, шумска граѓа, железо, боксит и други барани руди) имено со месеци не придавале големо внимание на епидемијата во провинциите Нзерекоре, Лофа и Калијахун, каде еболата во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне прво е регистрирана. Комитетот за здравство на парламентот на Либерија во текот на минатата недела поднесе прв извештај за ширењето на ебола во земјата.

Наспроти претходните апеки на Лекари без граници од загрозените региони, дека епидемијата излегува од контрола, СЗО долго беше оптимист.

– Епидемијата на ебола ќе се спречи до 22 мај – објави СЗО на 18 мај од седиштето во Женева.

Денес целосно е јасно колку таа проценка беше погрешна.

Поради можно понатамошно ширење на еболата, Нигерија и Либерија веќе воведоа вонредна состојба.

Од истите причини Камерун и Чад ги затворија границите кон Нигерија, додека Гвинеја Бисао ги запре контактите со Гвинеја. Во Либерија (земја со најголем број на заболени и мртви) воведен е полициски час, додека армијата е на улиците на Монровија. Многубројни странски авионски и бродски компании во меѓувреме го прекинаа сообраќајот кон западна Африка. ЈАР, Замбија, Кенија… забранија влез во земјите на сите странци кои стигнуваат од загрозениот регион.

По смртта на лица заразени со ебола во Џеда, Саудиска Арабија, прекина издавањето на визи за верниците од западна Африка за аџилак во почетокот на октомври. Западните метрополи повлекоа дел од дипломатскиот персонал, бродските компании на морнарите им го скусија одморот на копно ширум Нигерија, во која инаку минатата недела беа отпуштени 16.000 лекари затоа што поради страв од еболата, одбија да го прекинат националниот штрајк.

Во епицентарот на епидемијата, посебно во Либерија, состојбата е катастрофална, оценуваат Лекари без граници.

Мртовечниците во Монровија не постигнуваат да ги спалат сите нови лешеви на заболени од ебола (умираат околу 50 луѓе дневно). Да го избегнат загушувањето пред крематориумите, доброволци, без доволно хигиенска и санитетска опрема, ги носат телата на мртвите низ градот и следното утро ги носат до мртовечниците. Еболата инаку се пренесува со директен контакт со телесни течности на заболените (крв, остатоци од повраќање…).

Во сите пет државни болници во Монровија го прекинаа приемот на пациенти, не само на болни од ебола, туку и на родилките.

Глад, паника и суеверие на големо се шират во земјите зафатени со заразата. – Не бегајте, останете со нас да се бориме – на група странци кои го напуштаа Сиера Леоне им порача претседателот на таа држава Ернест Баи Корома.

Кога во загрозениот регион ќе стигне странска медицинска и техничка помош неопходна за да се спречи епидемијата на ебола, се уште не е извесно.

– Епидемијата на ебола веројатно се уште не го достигнала врвот – вели Тим О’Демпси предавач на катедрата за тропска медицина во Ливерпул.

– Загрижува тоа што еболата стигна во град со големина на Лагос – неодамна оцени Томас Фрајден, директор на Центарот за контрола и превенција на болести во САД, пред комитетот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.

Со голема медицинска и техничка помош од меѓународната заедница, која за сега ја нема во загрозените области, ќе бидат потребни уште најмалку 6 месеци за да се спречи тековната епидемија на ебола, предупреди оваа недела Џоана Лина, шеф на меѓународните операции Лекари без граници.

Политика – Белград

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Нереални сцени: Во Африка падна снег

Се повеќе Европејци имаат необични миленици, издадено е предупредување дека се опасни

А1он

(ВИДЕО) Навивачка погина во стампедо: Тажен епилог на хаосот пред мечот во Мароко

Предраг Петровиќ

САД ќе и дадат 55 милијарди долари на Африка во следните три години

Ана Ололовска

ЕУ и четири земји-членки ќе ја помогнат адаптацијата на Африка на климатските промени

Ана Ололовска

Фондацијата Гејтс ќе додели 1,4 милијарди долари за помош на земјоделците во Африка и Азија

Ана Ололовска