Најуспешна селекција на Европското првенство во пливање, што денеска заврши во Берлин е Велика Британија со 24 освоени медали од кои девет златни. Успешниот настап Британците го завршија со три први места на последниот ден.
Европска шампионка на 50 метри слободно стана Британката Франческа Халсал со време – 24.32 секунди, пред Сара Сјостром од Шведска и Жанете Отесен од Данска.
Во истата дисциплина кај мажите победи Французинот Флоран Манаду со резултат – 21.32 секунда, второто место го освои Конрад Черниак од Полска, а третото место му припадна на Ари-Пека Лиуконен од Финска.
Светската рекордерка Рута Меилутите од Литванија го освои златниот медал во трката на 50 метри градно со резултат 29.89 секунди. Среброто и припадна на Џени Јохансон од Шведска, а бронзата на Мониек Нихуис од Холандија.
На 200 метри пеперутка кај жените европска шампионка стана Миериа Белмонте Гарсија од Шпанија со време 2:04.79 минути. Место на пиедесталот изборија: нејзината сонародничка Јудит Игнасио и Унгарката Катинка Хозу.
Давид Веразто од Унгарија го освои златниот медал во трката 400 метри мешано кај мажите со резултат – 4:11.89. Сребрениот медал му припадна на Роберто Павони од Велика Британија, а бронзата на Федерико Турини од Италија.
Британката Јасмин Карлин беше најбрза на 400 метри слободно. Таа патеката ја исплива за време 4:03.24 минути, пред Шарон Рувендал од Холандија и Шпанката Белмонте Гарсија.
Данската женска штафета 4 пати 100 метри мешано го освои златниот медал, пред Шведска и Велика Британија, додека кај мажите победи штафетата на Велика Британија, пред Франција и Унгарија.
Следното Европско првенство ќе се одржи во Лондон од 9 до 22.мај 2016 година.