Дали растот на Кина ќе и се закани на Јужна Кореја и на геополитичката стабилност во источна Азија? Дали Кореја ќе треба да избере помеѓу двете големи сили, САД и Кина? Дали Кина вистински се интересира за пријателство и соработка со Кореја или за доминација? Дали пријателските односи помеѓу Кина и Кореја ја унесреќуваат САД?
Многу Корејци ги поставуваат овие прашања, посебно по самитот во јули помеѓу претседателот Парк Џен-хуи и неговиот кинески колега Кси Џинпинг. При неодамнешната посета на Вашингтон, корејските владини претставници и медиуми постојано им ги поставуваа овие прашања на американските власти и аналитичари. Според мене, ова се погрешни прашања кои се поставуваат.
Наместо тоа, големото прашање е дали Кина е економски способна и дали има политичка кохерентност да ја преведе својата огромна територија и население во воена сила и глобално лидерство. Барем до сега, и барем за некое време во иднина, одговорот е не. Традиционално, статусот на голема сила бара економска способност која може да поддржи и одржи сериозни и долгорочни проекции за воена моќ. Политичката кохезија која му овозможува на населението да застане зад националните симболи и националната кауза е исто така многу важно. Кина досега се уште не ги остварила овие цели.
Сепак, Кина се уште е сиромашна земја, со многу неизедначен домашен развој. Тоа пред се е земја во развој. Во 2013 година, Светска банка ја рангираше Кина на 84 место (со БДП од 11,905 долари по глава на жител), пресметано според куповната моќ помеѓу 185 земји во светот. Србија и Јужна Африка се повисоко рангирани. Куба, која има ограничена економија според овие мерки, е рангирана многу повисоко, на 60-то место, со 18,796 долари.
Регионалната нееднаквост опстојува во услови на концентрација на тешката индустрија, домашната акумулација на капитал, и реалните разлики во приходите помеѓу провинциите. БДП во 2013 по глава на жител во трите најбогати градови Пекинг, Шангај и Тјанџин, беше отприлика четири пати повисок отколку во трите најсиромашни провинции Ганзу, Гуижу и Јунан. Економското чудо на Кина е исто така базирано на банкарството во сенка и на вештачките високи стапки на заштеди, кои не можат да бидат одржливи.
Покрај ова, Кина ќе продолжи да се соочува со внатрешни поделби кои се закануваат по нејзиниот територијален интегритет и по централизираната политичка контрола. Светот веќе знае за етничките и религиозните малцинства на Тибет и во Ксинџанг, кои се борат за автономија од Пекинг. На крајот на јули, кинеските власти убија 59 луѓе во два града во Ксинџанг, бројка која на крајот достигнаа 100 мртви во покраината која зазема повеќе од една шестина од целата терторија на Кина.
Педесет и пет малцински групи сочинуваат повеќе од 100 милиони од вкупното население во Кина, и тие не се интегрирани; малцинствата се раздвоени едни од други, и од мнозинството Хан Кинези, според културата, јазикот и нееднаквите економски можности и според политичката моќ. Една нова книга за малцинствата во Кина од авторот Дејвид Ејмер, „Одалечениот император: Патувања по рабовите на Кина“, ја опишува Народна Република Кина не како унитарна нација, туку како „голема, неспоена, нестабилна империја“, полна со малцинства кои ја негираат и се спротивставуваат на доминацијата од Хан Кинезите и од владата во Пекинг.
Освен тоа, додека Кинезите стануваат се побогати, нивната желба за политички реформи и учеството во општеството расте. Секоја година низ Кина се случуваат околу 30-50 илјади масовни инциденти или локални бунтови и протести околу проблемите поврзани со територијалните спорови и заради еколошките проблеми.
Во контекст на потенцијалната економска и политичка нестабилност во Кина, најмудрата политика на Кореја и на САД ќе биде да помогнат да се одржи и поддржи регионалната екологија, за Кина да може да се фокусура на економскиот раззој и на внатрешната политичка стабилност. Тоа вклучува здрава економска конкуренција и соработка помеѓу Кореја и Кина, за заедничка корист.
Тоа исто вклучува и Кореја да води мудра, софистицирана дипломатија за да помогне да се смират тензиите помеѓу Кина и САД. Предизвик за Кореја е да се смени мислењето базирано во историјата и психологијата, дека ни е потребен голем и моќен заштитник. Не треба да се избира помеѓу Кина и САД. Наместо тоа, треба да почне да се верува дека самата ќе им биде потребна на двете.
Чосум илбо – Сеул