ФОТО: „Македокс“ прикажува филмови и го документира своето патување низ Демирхисарско

Од:

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ одржа четири проекции во Демирхисарскиот регион. По Крушево и Журче ги посети Жван, а вчера имаше проекции во Единаковци.

-Во Демирхисарските села се чувствува духот од старите времиња, кога речиси секое село имало дом на култура. Во Жван – изгорел, а во Единаковци сам од себе се распаѓа. И двата сега се депонии. Буништа. Самите селани кажуваат дека културата е фрлена на буниште, со резигнација се сеќаваат како „на времето“ тука пееле и играле и „Танец“ и Васка, и Јонче, имало играорни групи, хорови, оркестри, младински активи, секции… изгледаа благодарни што еве, некој се сетил и на нив, да ги посети, да ги праша како се, да им пушти филм…

makedox-demirhisarsko4

Во Жван ни ги покажаа родните куќи на писателите Божин Павловски и Раде Силјан, како и на легендата на македонската народна музика Јонче Христовски. Помладите жители на Жван ги прераскажуваат приказните дека во Жван настапувале и Васка Илиева, Никола Бадев, Кирил Манчевски, а во домот имало игранки со 200 луѓе. Во турско време во селото често поминувал војводата Јордан Пиперката. Тие што останале да живеат во селото ја чуваат традицијата, се гордеат со петте манастири во нивната околина.

„Луѓето во Жван се меки по душа, но знаат да бидат и атерџии“, објасни Драган Шулевски, кој преку ден работи во рудник, а навечер свири хармоника за своја душа.“, ги раскажуваат своите впечатоци автоите на фестивалот.

makedox-demirhisarsko1

Селото Единаково, или Единаковци, како што самите жители го именуваат, беше четвртата станица на Патувачкото кино на „Македокс“.

– Во Единаково магаренцето го сменивме со трактор, бидејќи секоја куќа има еден, а некои и по два-три трактори.

Платното на Патувачкото кино го растегнавме пред Домот на културата на 21 август вечерта, а голем дел од селаните никогаш претходно не присуствувале на филмска проекција. Поради земјоделските работи почетокот на проекцијата во 21 часот им се виде премногу доцна, бидејќи голем дел од нив стануваат за работа во 3 или 4 часот наутро. Со филмовите „Вонземјанинот Ли“ и „Песна од шумата“ малку го променивме нивниот секојдневен распоред, раскажуваат од „Македокс“.

Патувачкото кино продолжува со проекциите на документарни филмови низ Демирхисарскиот регион. До 28 август „Македокс“ ќе помине и во Слепче (23 август), Смилево (24 август), Бабино (26 август), Сопотница (27 август) и Слоештица на 28 август 2014 година. Проекциите се одржуваат сред село, а почнуваат во 21 часот.

makedox-demirhisarsko2

Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места.

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ и Патувачкото кино се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон, Амбасадите на САД, Холандија и на Шпанија во Скопје, Министерството за култура на РМ и Агенцијата за филм на РМ, Градот Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Автори на фотографиите се Сашо Алушевски и Сандра Јовановска.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Oтворен повик за петтата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“

Ана Ололовска

Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот на 13. „МакеДокс“ на 22 август почна со затворена сесија на Балканската мрежа

Ана Ололовска

Отворена изложбата „Спојка“ на почетокот на четвртиот ден на 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

Отворање на 13. „МакеДокс“ на 18 август во Куршумли-ан

Ана Ололовска

Земја во фокус – Чешка на 13. МакеДокс“

Ана Ололовска

Бесплатна филмска проекција за загревање за 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска