Основачот на сајтот „Виликис“ Џулијан Асанж нема да ја напушти еквадорската амбасада во Лондон се додека не добие гаранции дека нема да биде испорачан на властите во САД, соопшти денеска неговиот адвокат Џенифер Робинсон.
Таа не можеше да прецизира кога Асанж би можел да излезе од еквадорската амбасада, од чии власти во 2012 побара политички азил.
– Ќе излезе тогаш кога ќе биде можно да се преговара за условите за неговото излегување, а политичкиот азил, што го штитеше од екстрадиција, ќе биде почитуван, наведе таа, истакнувајќи оти до тоа не дошло.
Таа укажа дека засега не е јасно кога неговиот правен тим би можел да почне преговори за негово заминување.
Британскиот Форин офис веќе навести дека ставот на Министерството во врска со случајот на Асанж не е променет, туку како и досега, е посветен на пронаоѓање дипломатско решение.