На 32-то Европско првенство во пливање што се одржува во Берлин вечерва се одржаа првите четири финални дисциплини и воедно беа поделени првите медали.
Најмногу возбудувања имаше во штафетната трка на 4 х 100 метри слободно кај жените.
Данската штафета беше најбрза, но поради предвремен старт на втората натпреварувачка од штафетата Џули Левисен, Данска беше дисквалификувана, а златото го освои штафетата на Шведска, која имаше време 3:35.82 минути. Второто место и припадна на Холандија, а третото на Италија.
Во истата дисциплина кај мажите со време на нов рекорд на првенествата (3:11.64 минути) златниот медал го освои Франција, пред Русија и Италија.
Изненадување направи Србинот Велимир Стјепановиќ кој победи во трката на 400 метри слободно со време 3:45.66 минути. Среброто освои Андреа Д‘ Арџио од Италија, а бронзата Џеј Лелиот од Велика Британија.
Рекорд на шампионатите постигна и Унгарката Катинка Хозу, која го одбрани златото во трката на 400 метри мешано. Хозу оствари време – 4:31.03 минути. Второто место го освои Мирела Белмонте Гарсија од Шпанија, а трета исплива Еми Вилмонт од Велика Британија.