Мишел Дјотодиа, поранешен претседател на Централноафриканската република (ЦАР) и лидер на коалицијата Селека, прогласи на северот на ЦАР независна држава.
Нуредин Адеми, прв потпретседател на коалицијата Селека, во писмено соопштение објави дека на „североистокот на средна Африка, 800 км од Бангуи, во регионот Вакага, во главниот град Бираоу, е основана независна држава на чело со поранешниот претседател и лидер на Селека Мишел Дјотодиа“.
Тој наведе и дека е „формирана и привремена влада за нова слободна и независна држава“.
Како причини за одвојување Адеми ги нарекува „планираниот геноцид, уривање, земање на муслимани за заложници, напади врз џамии, куќи“.
– Оваа држава нема да биде теократска, како Ал каеда или Исламска држава. Државата е против етнички и верски тероризам, а најголема цел на независната држава е да ги заштити животите и имотот на стотици илјади муслимани, се наведува во соопштението.