Твоето тело ни припаѓа нам

Од:

Во Лондон е одржан првиот Girl Summit, конференција со цел да ги мобилизира меѓународните напори на сите земји посебно, во животот на оваа генерација на девојчиња да се спречи гениталното сакатење и принудување на малолетнички на бракови.

Додека да го прочитате овој текст до крај, во светот ќе бидат обрежани барем 24 девојчиња. Тоа ќе им го направи некој без лекарска диплома, во шатор или дома, со кујнски нож, парче стакло или наострен камен и со тој потег ќе ги осуди на страдање за цел живот. Тие кои ќе имаат повеќе среќа ќе се соочат со долготрајно крварење, инфекција или подоцна менструални болки. Останатите ќе страдаат од хронични инфекции, болки во текот на сексуален однос, ќе имаат поголеми шанси за ХИВ и за неплодност, или ќе умрат.

Наспроти сите нуспојави, за заедниците во кои живеат ќе останат чисти, а на тие кругови тоа очигледно им е поважно од нивното здравје.

Тешко е да се каже колку жени до сега поминале низ тие маки. Податоците тешко можат да се соберат од јасни причини. Сепак, податоците со кои располага СЗО велат дека денес со последици од обрежување на гениталните органи во светот живеат од 100 до 140 милиони жени.

Сечење, турпиање, спалување: За разлика од обрежувањето на мали машки деца и мажите, обрежувањето на жените е многу поагресивен процес и поради тоа СЗО со прави го дефинира како женско генитално сакатење (Female Genital Mutilation, скратено ФГМ).

Варијациите на темата се разни. Најчести облици се суна (која подразбира отстранување на кожичката на клиторисот или врвот на клиторисот) и клиторидектомија, т.е. сечење и отстранување на целиот клиторис, како и отстранување на малите срамни усни. Далеку по екстремен облик е фараонското обрежување т.е. инфубулација, кое подразбира сечење на клиторисот и на големите и малите срамни усни, а потоа зашивање на оштетените страни на вулвата. На тој начин раната зараснува и така остава само мал отвор за истекување на урината и менструалната крв. Кога ќе дојде време за првата брачна ноќ, мажот ја има таа чест да ја расече со нож, за да го демонстрира своето неприкосновено право, поради што несреќничката и поминала низ толкави страдања. Четвртиот и најекстремен облик е сакатење на клиторисот со спалување, турпиање на вагината и слични потфати.

Дали е полошо да се помине низ ова изживување на 4, 14 или на 24 години, е неважно. Суштината е иста: женското тело физички се злоупотребува и се унакажува во име на традициите и културните обичаи.

Во заедниците во кои се врши клиторидектомија, обично се врши и обрежување на мажи. Двата ритуали се дел од религиозната и етничка традиција и значат задолжително скалило кон преминот во светот на возрасните. Традиционалната пракса на обрежување на жени се вршела поради заштита на нивната невиност и намалување на нивната сексуална желба, со цел да се заштити честа на семејството, кланот или племето. Освен правдавањата за честа, некои заедници се служат и со бапски приказни дека клиторис кој нема да се исече може толку да порасне да го повреди бебето при раѓање. Се на се, ритуалот на обрежување на девојчиња и жени е услов за мажење, а во тие заедници на машка доминација, без мажење речиси не може да се замисли животот.

Кукавичлук и политичка коректност: Интересно е дека многу жители на Западот сакатењето на женските гениталии го гледа помирливо, врзувајќи го за традициите и културата на одредени заедници. Тоа најдобро го покажало мини истражувањето на 32 годишната Лејла Хусеин, која и самата е жртва на генитално сакатење. Лејла во октомври минатата година направила анкета меѓу жителите на Нортемптон во Велика Британија. Не ги прашала што мислат за гениталното сакатење, туку им се претставила како некој кој собира потписи за петиција за поддршка на овој ритуал. Својот потпис одбило да го стави само едно лице.

Кампањата не била вистинска, но потписите секако дека биле. Како главен виновник за ваквите резултати Лејла ја прогласила политичката коректност како дел од глобалната култура, т.е. страв кај луѓето дека ако се спротивстават ќе бидат оценети како расисти.

Според неа, токму политички исправните ставови пречат во борбата против гениталното обрежување кај девојчињата во Африка. – Тоа не е култура, тоа е насилство. Престанете да го користите зборот култура. Тоа се случува на деца. Ние сме човечки битија, не можам да гледам како децата се сечат, не ме интересира на која култура припаѓате – порача Лејла, чија судбина според податоците на УНИЦЕФ во следната деценија може да ја доживеат 30 милиони девојчиња, 24.000 од нив во Велика Британија.

Токму во Лондон било местото на настаните на првиот Girl Summit, одржан минатиот вторник со цел да ги мобилизира меѓународните и напорите на сите земји посебно, во животот на оваа генерација на девојчиња да се спречи гениталното сакатење и принудување на малолетнички на бракови.

На Самитот присуствувале 52 земји, вклучувајќи го и Бангладеш, кој може да се пофали со најголема стапка на бракови во кои невестите се девојчиња кои се на праг на пубертетот.

На собирот се разгледани идни чекори, но биле соопштени и охрабрувачки вести. Една од нив е дека стапката на генитално сакатење и бракови со девојчиња полека но сигурно се намалува. Заслугата за ваквиот напредок пред се мора да се признае на бројните невладини организации кои работат на терен. До пред една деценија секој кој од таа средина би кренал глас против би бил обвинет за предавство, а денес за овие теми може да се зборува, посебно во урбаните региони. Благодарение на обрежувањето, забраната за обрежување на жени со закон и делување на групата за здравствена политика и човекови права, денес се погласно се зборува за нуспојавите од обрежувањето, а се работи на тоа заедниците да се охрабрат за други, неинвазивни методи за инцијација на девојчињата во светот на возрасните. Наспроти се, СЗО проценува дека секоја година дури два милиона девојчиња се во опасност да бидат подвргнати на оваа метода.

Минатата година УНИЦЕФ објави компилација на податоци за африканските и земјите на Блискиот исток, користејќи резултати од 70 национални истражувања, направени во период од 20 години во 29 држави каде таа пракса е вообичаена. Според тие податоци, во осум земји речиси сите девојчиња се обрежани. Во Сомалија зачестеноста на оваа пракса е дури 98 отсто, Гвинеја 96, во Џибути 93, а во Египет наспроти делумно изградениот западен имиџ 91 процент. Во Еритреја и Мали 89, а во Судан и Сиера Леоне 88 отсто обрежани. Во некои земји овој зафат влегол во здравствениот систем. Така во Египет, најмногу процедури ги прават професионалци кои ја намалуваат веројатноста за инфекции, болки и крварење, но истовремено ја прави оваа процедура легитимна наспроти одлуките на ОН. Сепак е утешно дека бројот на девојчињата кои се обрежани се намалува постепено. ОН и УНИЦЕФ тврдат дека дури 8000 заедници во Африка се согласиле да се откажат од таа пракса.

Законот против традицијата: Но, девојчињата и жените не се обрежуваат само на африканскиот континент. Многу вакви зафати се вршат и во Европската унија. Причината е јасна – ЕУ има голем прилив на имигранти токму од африканските земји кои со себе ги носат овие обичаи.

Државите членки со најголем број на женски азиланти-жртви на обрежување се Шведска, Франција, Италија, Велика Британија, Белгија, Холандија и Германија. Британските законодавци во почетокот на месецот изјавија дека ФГМ во таа земја е национален скандал, предупредувајќи дека 170.000 жени ја поминале таа процедура, а дека 65.000 девојчиња се под голем ризик тоа да им се случи.

Инаку, Британија е една од европските земји која обрежувањето на женски гениталии го препознала со посебни законски акти во 2003 и 2005 година. Неодамна на аеродромот Хитроу биле уапсени човек и жена под сомневање дека планирале ФГМ над 11 годишно девојче со кое долетале од Уганда. Овој случај само покажува дека британскиот премиер Дејвид Камерон бил сериозен кога на Самитот изјавил дека сите родители без разлика ќе бидат процесуирани ако не превенираат генитално сакатење на своите ќерки. Премиерот порачал и на лекарите и наставниците дека од сега ќе имаат обврска да го пријават секој случај ако имаат основано сомневање дека девојчето може да биде подвргнато да обрежување, или испратено на пат во странство за да се омажи малолетна. Во спротивно ќе сносат последици.

Остра политика кон тие кои практикуваат обрежување на девојчиња има и Франција. Во таа земја родителите кои на нивните деца ќе дозволат да се извршат такви операции, можат да бидат осудени на казна затвор од 10 и 30 години, а можат да бидат протерани од земјата.

Меѓутоа, колку да се законите добро напишани, во овој случај се работи за традиција и девојчињата можат да се спасат само со еманципација и промена на културата. На конференцијата во Лондон минатиот вторник зборуваше и најпознатата Пакистанка Малала Јусафраи, активистка за права на девојчињата на образование, на која пред две години талибанците и пукаа во глава затоа што се спротивстави на нивната забрана за образование на женските деца.

– Девојчињата заслужуваат да бидат почитувани еднакво како и машките – рече Малала. – Момчето има право да го живее својот живот како што сака. Тоа треба да важи и за девојчињата. И ние треба да имаме право да ја менуваме традицијата и ние треба да бидеме тие кои ќе иницираат промени. Затоа бараме повеќе да нема ФГМ и да нема детски бракови. Не треба да ја следиме традицијата која оди против човековите права. Ние сме човечки битија и ние ја градиме традицијата – рече Малала. Во тој потфат на менување на традицијата секако би им значела помошта и поддршката од мајките и бабите. Иронично или не, најголем процент на генитално сакатење на девојчиња го вршат токму жени.

Време – Белград

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Над 20 мртви во бомбашки напад на железничка станица во Пакистан

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Нереални сцени: Во Африка падна снег

Иран и Пакистан свикаа итен состанок на муслиманските земји

Горан Наумовски

Пакистан: Најмалку тројца загинати во поплавите, над 100 загинати

Толпа во Пакистан извлече турист од полиција- го запалија на улица

Пакистан: Пет војници загинаа во напад на воен објект

Горан Наумовски