Африка станува се поинтересен пазар. Војните, државните удари и социјалните драми на овој континент се се поретки.
Стопанскиот раст на африканскиот континенет оваа година, според прогнозата на ММФ ќе биде 5,2 отсто, а четири од 10 земји со најбрз раст потекнуваат од африканскиот континент.
Меѓу првите земји кои покажаа силен интерес за африканскиот пазар беше Кина, која уште во 2009 година од САД го презема приматот во вкупната вредност на надворешнотрговската размена со Африка.
Кинеско-африканската размена во 2000 година вредеше едвај 10 милијарди долари, во 2008 беше над 100 милијарди, а во 2013 година достигна дури 200 милијарди долари.
Најголемиот интерес на Кина на африканскиот пазар е за основните суровини, како што се нафтата, железото, бакарот и дрвото, додека во исто време Кина масовно во Африка извезува финални производи со кои освои 300 милиони жители на новата африканска средна класа.
Вториот азиски стопански гигант, Индија исто така ја забрза соработката со африканските земји, со се поголем извоз на суровини за своите фабрики, но за разлика од Пекинг, Њу Делхи повеќе се потпира на својот приватен сектор.
Во 2010 година вредноста на индиско-африканската размена изнесуваше 30 милијарди долари, а индиските инвеститори најмногу инвестираа во телефонијата и фармацевстката индустрија.
Бразил е трета земја која последните години го интензивираше своето присуство на африканскиот континент, па за таа цел отвори над 20 дипломатски претставништва за последните 12 години.
Фирми од САД ќе инвестираат 15 милијарди долари во Африка
На вториот ден на Американско-африканскиот самит во Вашингтон се собраа 100 американски и африкански компании, со цел да најдат начини за јакнење на меѓусебните економски врски. На форумот беа и 50 шефови на африкански држави.
Во текот на панел-дискусијата со извршните директори на фирми, поранешниот американски претседател Бил Клинтон рече дека САД до сега само загребале по површината на африканскиот економски потенцијал.
Африканската економија доживува брз развој. Тој континент е дом на дури шест најбрзо растечки светски економии, а деценијата на цврст раст создаде средна класа со зголемена куповна моќ, која според оценката на Африканската банка за развој во 2010 година изнесувала 350 милиони долари, во однос на 220 милиони од 2000 година.
– Ги пуштивме Европа и Кина да не престигнат во Африка, рече поранешниот градоначалник на Њујорк Мајкл Блумберг, кој исто така учествуваше во форумот.
Меѓу американските компании чии претставници учествуваа на самитот се и „Шеврон“, „Кока-Кола“, ИБМ и „Мастеркард“. Меѓу учесниците беше и Џеф Имелт, извршен директор на „Џенерал електрик“, кој до 2018 година треба да инвестира две милијарди долари во Африка.
Според соопштението на Белата куќа, „Мериот“ ќе вложи 200 милиони долари инвестиции ширум континентот, а ИБМ ќе обезбеди технолошки сервери за „Фиделити “банката во Гана.
Фигаро – Париз