Празникот на Свети Климент Охридски, патронот на градот Охрид оваа година ќе биде одбележан и во рамки на фестивалот „Охридско лето“, со македонската премиера на филмот „Апостоли на словените – двајца браќа една животна мисија“.
Историскиот филм за светите браќа Кирил и Методиј е дело на чешкиот режисер Петр Николаев, а во продукција на Виктор Криштоф, кој ќе биде специјален гостин на вечерашната премиера. Новиот филм за светите браќа е снимен по повод 1150-годишнината од почетокот на мисијата на Кирил и Методиј во Моравија и се бави со прикажување на нивните дела во ширењето на словенската писменост.
Македонската премиера на филмот за светите Кирил и Методиј, на фестивалската програма на „Охридско лето“ е заслуга на нашите иселеници Нован Буџакоски и Александар Глигуроски, охриѓани кои веќе 15 години имаат успешен бизнис во Прага.
Според нив Охрид е единственото место кое заслужува прикажување на овој филм, а празникот на патронот на градот е избран како најсоодветен термин за делото да го видат како охриѓани така и гостите кои се тука во текот на летото..
– Кога го видовме филмот на телевизија воопшто не се двоумевме дека треба да го донесеме во Македонија за да го види и почувствува овдешната публика, целиот македонски народ, вели Јован Буџакоски.
Според директорката на Охридско лето Елизабета Јанкуловска, меѓусебната соработка помеѓу Националната установа „Охридско Лето“ и Општина Охрид во голема мера придонесува кон подигнување на степенот на културен развој на Охрид преку одржување на високото реноме на Фестивалот „Охридско лето“ кое го има на светската уметничка сцена, заложба за уште поголеми дострели во културата и реализирање на квалитетни настани.
– „Охридско лето, како водечка манифестација на културната уметничка сцена, каде се врежани имињата на најславните светски уметнички имиња, е брендот на Охрид, градот кој преставува културен, духовен и туристички центар на Македонија, истакна таа.
Проекцијата на филмот ќе се одржи во кино салата на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток од 21 часот.