Три лица загинаа, а над 388 се повредени во земјотресот што со интензитет од 5,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди алжирската престолнина и крајбрежните провинции.
Петмина од повредените се во критична состојба. Од тројцата загинати, двајца се фрлиле од балконите на становите во обид да избегаат од земјотресот, а третиот претрпел инфаркт.
Епицентарот бил во морето, на 19 километри од брегот на провинцијата Бумердес, според алжирскиот центар за истражување и геофизика, кој регистрирал веќе пет вторични потреси со помал интензитет.
Во 2003 година земјотрес со епицентар во градот Бумердес, источно од градот Алжир, однесе околу 3.000 жртви.