Мрежата на Ал Каеда го зголеми финансирањето на терористичките операции, благодарение на 125-те милиони долари кои ги доби во 2008 година, претежно од европските влади за ослободување на заложници, пишува „Њујорк тајмс“.
Како што пренесе „Франс прес“, според истражувањата тој износ само во 2013 година достигнал 66 милиони долари.
Заменик секретарот во американското Министерство за финансии, Дејвид Коен во 2012 година рече дека Ал Каеда ја основале богати донатори, а дека денес откупот за киднапираните станал најзначаен извор за финансирање на тероризмот.
-Секоја трансакција ја охрабрува следната-рече тој.
Според неговите зборови, откупот која во последните случаи изнесува околу 10 милиони долари за еден заложник, претставува една половина од буџетот на организацијата.
„Њујорк тајмс“ објави список на компании од Швајцарија, Шпанија, Австрија и Франција кои на Ал Каеда им исплатиле износ поголем од 90 милиони долари, а се забележани и две исплати од неидентификувани извори.
Сомалиските бунтовници Шебаба добиле 5,1 милиони долари од Шпанија, додека огранокот на Ал Каеда на Арабискиот полуостров во две трансакции од Катар и Оман од непознат извор добил околу 30 милиони долари.
Список на држави кои платиле откуп на Ал Каеда
Француската агенција „Франс прес“ наведе дека Австрија, Франција, Германија, Италија и Швајцарија негираат дека некогаш платиле за заложници.
Исто така и француската нуклеарна компанија „Арева“ негира плаќање на откуп. Меѓутоа минатата година, еден поранешен високорангиран разузнавачки функционер, кој барал да остане анонимен, рекол дека владите и компаниите плаќаат речиси за секој случај.
-Секогаш постои откуп или некој вид размена на пари, ослободување на затвореник, испорака на оружје – рекол тој.
САД и Велика Британија одбиваат да платат за ослободување на киднапирани државјани, наведе „Њујорк тајмс“ додавајќи дека само неколкумина од нив се спасени во воени акции или успеале да побегнат.
Меѓутоа, САД во некои случаи преговараат, вклучувајќи ја и неодамнешната размена на пет талибанци затворени во Гвантанамо, за американскиот војник Бовиј Бергдал.
Поранешната заменичка на помошникот на секретарот за одбрана, задолжена за Африка и амбасадорка на Мали од 2003 година, Вики Хадлстон, кога Германија го плати прваиот откуп, рече дека Европејците треба да дадат одговор на многу прашања.
-Тоа е потполно двојна политика. Тие ќе го платат откупот, а потоа негираат дека платиле- рече таа и додаде дека тоа претставува опасност, не само затоа што придонесува за развивање на терористичкото движење, туку и затоа отвора можност сите граѓани да станат лесен плен на терористите.
„Франс прес“ додава дека лидерите на Г8 индустриски најразвиени држави, минатата година потпишале договор со кој се отфрла откуп на терористите, но дека официјална забрана се уште не е воведена.
Е. Г.