Првичните резултати од истрагата за причината за падот на алжирскиот авион, кој на 24 јули се урна во африканската држава Мали, покажуваат дека леталото со 118 патници и членови на екипажот, за само три минути паднало од височина од 10.000 метри.
Истражувачите веруваат дека авионот „МД-83“, кој се движел кон Алжир, се нашол во бура и дека главна причина за несреќата е неискуството на екипажот. По деталната анализа на податоци од радарите, тие во потполност ја отфрлија можноста дека авионот е соборен во терористички напад, но се уште не се сигурни дека на леталото немало никакви механички дефекти, кои можеле да ја предизвикаат несреќата.
-Пилотот се обидел да ја заобиколи бурата, но многу бргу се вратил на старата рута. До пад дошло кога се обидел да изведе маневра – изјави генералот Гилберт Диендере.
Тој откри фрапантен податок, дека авионот за само три минути паднал од висина од 10.000 метри и дека леталото експлодирало дури кога го допрело тлото.
-Изгледа дека пилотот доцна реагирал на бурата. Требало да сврти барем 10-15 километри пред да наиде на невремето. Доколку премногу сте блиску, тогаш останува малку време за свртување. Останувате заробени во силни воздушни струи, кои ве фрлаат горе долу -рече францускиот авио експерт Герард Фелдзер.
Инаку урнатиот авион бил во сопственост на една шпанска компанија, додека алжирската авиокомпанија го зела под наем. Сите членови на екипажот биле шпански државјани, но поголем дел од жртвите се Французи, поради што Франција ја презеде главната улога во истрага за причината за падот.
Е.Г.