Владата на Либерија соопшти дека наредила да се затворат сите училишта во земјата, како една од мерките за запирање на ширењето на смртносниот вирус ебола.
Во соопштението се вели дека некои заедници во земјата ќе бидат ставени во услови на целосен карантин, како и дека силите на либерската армија почнале да се распоредуваат по разни точки за да се грижат за почитувањето на владините мерки.
Претседателот Елен Џонсон Сирлиф изјави дека со пакетот мерки за борба со опасната зараза на сите државни и владини службеници кои не се неопходни, им е наредено да останат во своите домови и да не доаѓаат на работа. Оваа мерка е предвидено да трае во следните три недели.
Според податоците со кои располага ОН, од избувнувањето на заразата, еболата предизвика смрт на вкупно 672 лица во трите земји земји од Западна Африка-Либерија, Сиера Леоне и Гвинеја.
Некои од мерките што се обелоденети во Монровија, веќе се применуваат во либерискиот главен град, па тамошните здравствени работници, некои од пациентите ги посетуваат по нивните домови.
Први август во Либерија е прогласен за неработен ден за да може да се изврши целосна дезинфекција на сите јавни објекти.
Хуманитарната организација „Мировен корпус“ соопшти дека одлучила да ги повлече сите свои 340 волонтери во трите западноафрикански земји, поради натамошното ширење на заразата. Ваквата мерка е донесена откако двајца од нив се ставени под специјална контрола под сомнение дека се заразиле со ебола.
Вирусот се појави првпат, во февруари, во Гвинеја и потоа се рашири, прво во Сиера Леоне, а потоа и во Либерија.