Холандските истражувачи соопштија дека податоците од аудио записот од пилотската кабина на летот МХ17 се сочувани и дека никој не манипулирал со апаратот.
-Рекордерот за глас од пилотската кабина е оштетен, но меморискиот модул е сочуван. Покрај тоа, нема докази, ниту знаци дека некој манипулирал со звучниот рекордер- соопшти холандската Комисија за безбедност (ОВВ), во момент кога црните кутии од соборениот авион се анализираат во Велика Британија. Црните кутии од малезискиот авион кој минатиот четврток се урна со 298 патници и членови на екипажот на исток на Украина, пристигнаа во Велика Британија и се предадени на Истражниот оддел на службата за воздухопловни несреќи во Фарнборо, југозападно од Лондон, соопшти специјалната истражна комисија на украинската влада.
Британските експерти се задолжени за извлекување на информации од звучниот рекордер од пилотската кабина и тие треба да ги опфатат повеќечасовните разговори на пилотот. А нивна задача е да ја истражат и содржината на податоците на рекордерот за летот.
-Податоците од рекордерот за глас успешно се извадени и содржат валидни податоци за летот. Податоците ќе се анализираат и истражуваат- соопшти ОВВ.
Е. Г.