Едвард Сноуден во бегство

Од:

Кога Сноуден првпат зборуваше за Гардијан пред една година во Хонг Конг, беше изгужван, неисчешлан, во фармерки и маица. Но 31 годишниот човек кој се појави минатата недела беше во елегантни црни панталони и сиво сако, уредно потстрижен. Многу е слаб, послаб дури од пред една година. Изгледа бледо: – Веројатно само три чекори ме делат од смртта – се шегува тој. – Мислам, не јадам многу. Имам чуден биоритам. Порано бев многу активен, но во последно време имам премногу обврски.

За својот живот во бегство зборува внимателно. Самиот готви, често јапонски рецепти кои може брзо да ги подготви. Да, излегува. – Не живеам во апсолутна повлеченост, живеам многу отворен живот, но истовремено не сакам да бидам славна личност, знаете. Не сакам да излезам некаде па луѓето да ме гледаат, што не сакам да го правам ни во медиумите.

Не работи во руска фирма, како што се пишуваше, но финансиски е обезбеден за во иднина. Покрај значајната заштеда од времето додека работел како добро платен претприемач, добивал многу награди и хонорари за јавни настапи ширум светот. Исто така работи на основање на фондација за нова иницијатива за слободен печат, пишувајќи програми кои на новинарите им овозможуваат безбедна комуникација.

Тие кои тврдат дека е предавник, инсистираат да ги изнесе сите детали за својот досегашен живот како потврда дека, ако не е двоен агент, тогаш макар кремељска корисна будала. Директно одговара на некои од овие критики. Не однел ниту еден документ во Русија. Таму нема пристап на документите. На почетокот никогаш не сакал да оди во Русија, тоа се случило сосема случајно. Се работи за модерна земја… и добро се однесуваше кон мене. Но, повеќе би сакал да може слободно да патува. Ги повторува своите критики за состојбата на човековите права и слободата на говорот во Русија и премолчено признава дека неговото телевизиско прашање до Владимир Путин во април било грешка.

– Можам да дадам еден одговор на сите прашања околу Русија – додава тој. – Ако владата имаше макар најмал доказ, не само што не бев агент, туку бев во контакт со руската влада, тоа веќе денес ќе се најдеше на насловната страна на Њујорк Тајмс.

Тука е и обвинението дека ја подрушувал истата таа демократија која наводно сака да ја заштити. Ал-Каеда, како што тврди шефот на МИ-6 сер Џонс Сојерс, радосно ги триела рацете. – Можам да ви кажам дека од крајот на минатата година се фаќаа терористи, нивните пораки се уште се пресретнуваат. Се уште успешно се изведуваат разузнавачките операции во светот.

Зошто да не дозволиме на безбедносните агенции да ги групираат податоците како пластови сено, така да можат во нив да бараат игла?
На Сноуден не му се допаѓа метафората со пластот сено која упорно ја наведуваат политичарите и разузнавачите, бранејќи го масовното собирање на податоци. – Сметам дека едноставно е погрешно да се користи изразот пласт сено. Тоа сено се човечки животи. Тоа се приватни податоци за најинтимни активности и тие се собираат и вкрстуваат безброј пати и се чуваат на се подолг период.

– Можеби, следејќи не каде и да одиме, гледајќи се што правиме, анализирајќи го секој наш збор, чекајќи и проценувајќи го секое наше познанство и секоја личност што ја сакаме, ќе можат да разоткријат некои терористички заговори или некој нов криминалец. Но, дали сакаме да живееме во такво општество? Тоа е дефиниција на безбедносна држава.

Кога последен пат ја прочитал 1984 од Орвел? – Одамна. Наспроти општиот впечаток мислам дека не живееме баш во тој универзум. Проблем е што гледаме како Орвеловите технологии сега изгледаат застарено. Тука се зборува за работи како микрофони во жбунови и камери во телевизори кои не гледаат. Но, сега имаме веб камери кои секогаш ги носиме со нас. Ние всушност купуваме мобилни телефони кои всушност се вмрежени микрофони и доброволно ги носиме во џеб. Времето покажа дека светот е многу непредвидлив и поопасен отколку што замислувал Орвел.

Но, животот кој го опишува внатре во затворените ѕидови на НСА помалку потсетува на сеприсутност на Големиот брат. Се присетува на периодот кога работел како аналитичар. Во еден момент, како што вели тој, другите колеги сериозно се посомневале во етичката исправност на својата работа.

Дали може да ни наведе некој пример зошто се загрижил? – Многу луѓе кои претураа по овие пластови сено беа млади кадри, од 18 до 22 години. Преку ноќ се најдоа на многу одговорни позиции, каде имаат пристап на сите ваши приватни податоци. Во секојдневната работа, човек наидува на нешто што е целосно неповрзано за работата, на пример, нечија интимна гола фотографија во сексуално компромитирачка состојба. Но, тој некој е многу привлечен. Што прават тогаш?

Се вртат на столчето и покажуваат слика на колега. Но, колегата вели – Ох, па тоа е одлично. Го праќаат на Бил да види, а потоа Бил го праќа на Џорџ, Џорџ на Том и порано или подоцна целиот живот на ова лице е изложен на погледите на сите тие непознати луѓе.

Аналитичарите за тоа не разговараат во друштво на другите, но во канцеларијата главно се поминува. Се наоѓате во заштитен простор. Сите имаат слични овластувања, секој секого познава. Тоа е мал свет. За тоа не се пишува, бидејќи проверката на овие системи неверојатно е слаба. Фактот дека сведоштвата за вашите интимни моменти се извлечени од вашиот приватен комуникациски канал, земена од посакуваниот примач и предадена на државата, без некакво конкретно овластување, без никаква потреба, сам по себе претставува кршење на вашите права. Што бара тоа во државната база на податоци?

Зарем нема контрола да се спречи таа злоупотреба? – Еден 29 годишен човек влезе и излезе од НСА со сите свои нивни приватни податоци – одговара тој. – Што зборува тоа за нивната контрола? – Тие не ни забележаа.

Истакнува дека неговите поранешни колеги не се злосторници кои ги сукаат брковите, туку – луѓе како мене и вас. Меѓутоа, повеќето колеги, дури и ако се предомислуваа, не се бунеа, знаејќи како завршуваа претходните бунтовници, вадени од под туш со закана со оружје, голи, пред очите на семејството. Сите ние имаме кредити. Сите ние имаме семејства.

– За аналитичарите во 90 отсто случаи не е важно за што се зборува во телефонските разговори. Тоа доаѓа дури подоцна во синџирот на истрагата. Важни ни се метаподатоците, бидејќи метаподатоците не лажат. Луѓето лажат во разговорите кога се вмешани во криминални дејностил. Користат шифри, зборуваат општо. Не може да се верува на тоа што го слушате, но можете да верувате во метаподатоците. Од таа причина метаподатоците често се поинтрузивни.

Какви се неговите дигитални навики? Тој не користи ни Скајп ни Гугл за приватни потреби. Дропбокс? Само се насмеа. – Тие затоа ја поставија Кондолиза Рајс во управниот одбор која веројатно е најголем противник на приватноста од сите функционери. Таа беше задолжена за судски неодобрената програма за прислушкување Стелар Винд и мислеше дека тоа е одлична идеја. Така тие луѓе се големи непријатели на приватноста. Наместо тоа, го препорачува Спајдер Оак, целосно шифриран зеро новелејџ систем за споделување на фајлови.

Зошто би верувале на Гугл повеќе од државата? – Прво, не мора да верувате. Користењето на Гугл не може да ве испрати во затвор, Гугла не може од безпилотно летало да фрли бомба на куќата, не треба да им веруваме додека не провериме какви им се активностите, на кој начин ги користат нашите податоци.

Проблемот со денешниот систем за политички надзор е двоен, вели тој. Прво, политичарите и безбедносните служби се премногу блиски: ниеден политичар не сака да се спротивстави на шефовите на разузнавачките служби кои предупредуваат на потенцијални последици, ако ве обележат како слаб. Потоа постои проблем што во многу земји за контрола на безбедносните служби задолжени се нај искусните политичари, или во Британија, пензионирани судии, од кои многу од нив, смета тој, не се доволно технички писмени да сватат на што треба да внимаваат или што да регулираат.

– Ланските откритија ни покажаа непобитни факти дека нешифрираната комуникација на интернет повеќе не е безбедна. Секој вид на комуникација треба во старт да биде шифрирана. Ова го погодува секој кој користи емаил, СМС, клауд компјутинг, Скајп или телефон, за комуникација во услови кога професионалната должност им налага доверливост.

Новинарската дејност стана неизмерно тешка. Новинарите мораат да бидат свесни на секој вид на мрежно сигнализирање: секоја конекција; секој апарат за отчитување на таблиците покрај кои ќе поминат; секој контакт преку меил со изворот. Бидејќи токму тој прв контакт, пред да се воспостави шифрирана комуникација, е доволен да ги разоткриете. – Покрај новинарите додава и адвокатите, лекарите, истражувачите, може дури и сметководителите. Секој кој има обврска да ја заштити приватноста на својот клиент сега се соочува со нов и проблематичен свет.

Но, ако го прашате Сноуден дали технологијата може да се спои со приватноста, тој одговара недвосмислено – апсолутно да. Главно, бидејќи смета дека самата технологија ќе најде решение.

– Прашање е зошто приватните детали кои се пренесуваат преку мрежата се разликуваат од деталите на нашите животи кои ги чуваме во нашите приватни дневници? Не треба да има таква разлика меѓу дигиталните и печатените информации. Но, американската влада и многу други држави, се повеќе се трудат да ја направат таа разлика.

Сноуден не е против целната контрола. Но се враќа на филозофските, етичките, правните и уставните забелешки – зошто безбедносните служби рутински го крадат дигиталниот материјал од недолжни луѓе, кога не им паѓа на ум да влезат во нивните куќи и да поставуваат шпионски камери, или да им ги запленат личните дневници и фотографии. Ако тие работи не ги прават во аналогниот живот, зошто би биле прифатливи во дигиталниот? И упорно се поставува прашањето, дали има докази дека се исплатливи? Или дури ефикасни?

Но, сигурно постојат ситуации кога е корисно, полицијата и безбедносните агенции да можат да прочешлаат собрани податоци по некој злостор или терористички напад? Тој признава дека има хипотетички ситуации, кога таквата можност би била од корист, но одговара со прашањето за пропорционалност. Америка не е во војна, тероризмот треба да го третираат како криминален проблем. Можеби тој лично би повлекол линија некаде на друго место во случај на војна, но во секој случај за тоа треба да се одлучи во демократска расправа.

– Имате огромна популација на млади кадри во НСА кои можеби немаат толкаво животно искуство за да знаат дека им се кршат правата. А ако не биле изложени на опасност од кршење на слободите, како да очекуваме дека тие луѓе ќе ги застапуваат нашите интереси?

Ја наведе германската Штази како пример за организација чии соработници сметале дека ја заштитуваат стабилноста на својот политички систем, за кој верувале дека е загрозен. Тоа беа обични граѓани како и сите други. Мислеа дека работат нешто исправно. Но, кога ќе погледнеме од оваа историска перспектива, што правеле на своите сограѓани? Што правеле на земјите од соседството? Кој е целиот ефект од нивните масовни, неселективни шпионски кампањи?

Би можело да ве интересира

Сноуден: Не можете да го спасите Навални, но сепак можете да го спасите Асанж

Предраг Петровиќ

Сноуден доби руско државјанство

А1он

Путин му даде руско државјанство на свиркачот Сноуден

А1он

Сноуден ја поздрави одлуката за неиспорачување на Асанж во САД

Жарко Настоски

Сноуден објави фотографија од својот син

Ана Ололовска

Сноуден наскоро ќе аплицира за руско државјанство

Ана Ололовска