Боливиската Влада го озакони работењето на децата, дозволувајќи тие да може да работат уште од 10-годишна возраст.
Услов за тоа е во исто време да посетуваат и училиште и да се регистрирани како самовработени.
Со новите законски прописи се дозволува деца на возраст од 12 години да може да работат за друг, врз основа на склучен договор, но за тоа ќе им биде потребна и согласност на нивните родители.
Боливискиот потпретседател Алваро Гарсија Линера изјави во Ла Паз дека новото законодавство за работа на децата, само ги одразува потребите на земјата.
Боливија важи за една од најсиромашните држави во Јужна Америка.
Владата донесе и пакет мерки за заштита на децата, според кои за убиство на дете, сега е определена казна затвор од 30 години.
Според податоците на УНИЦЕФ, повеќе од 500 илјади деца во Боливија работат, како и возрасните, за да го помогнат семејниот буџет.
Децата главно работат како чистачи на чевли по улиците на боливиските градови и како продавачи по пазарите, но голем дел од нив работат и во рудниците и на земјоделските полиња во исклучително тешки услови.
Меѓународната организација на трудот (ИЛО) ги осуди новите броливиски закони за работа на децата, објаснувајќи дека децата не би смееле да работат пред да наполнат 15 години.