Велшкиот министер за човекова околина и земјоделство Алан Дејвис е сменет денеска од функцијата затоа што барал од луѓето во владината администрација да ги „шпионираат“ политичарите од локалната опозиција.
Дејвис, всушност, барал да му бидат испраќани приватните информации за финансиската состојба на опозициските политичари. Неговите соработници го предупредувале дека информациите што ги бара се недостапни за јавноста, но тој сепак инсистирал да му бидат обезбедени и нему лично предавани.
На удар на ваквото барање се нашле лидерот на опозициската Конзервативна партија во Велс, како и на политичките лидери од либералдемократската партија и од велшката национална партија Плејд Кимру и на високи функционери од овие три велшки партии.
Првиот министер на Велс, Кервин Џонс го осуди однесувањето на владиниот министер, нарекувајќи го „крајно неприфатливо“. Опозицијата го обвини Дејвис за водење „кампања за оцрнување“ кон политичките противници. Опозиционерите не само што ја поздравија одлуката за сменување на министерот, туку побараа од првиот министер Џонс и од лабуристите да го суспендираат Дејвис и од велшкото Собрание.
Сменетиот министер изјави дека ќе учествува во собраниската дебата и објасни оти неговата цел била само да утврди дали опозициските политичари примаат и во колкав обем субвенции од фондовите на ЕУ, врз основа на заедничката аграрна политика.
Случајот со министерот кој ги шпионираше своите политички противници го открија вработените во владината админстрација, предупредувајќи на „неприфатливите“ барања на Дејвис кои не се само прекршување на министерскиот кодекс, туку се и повреда на приватноста на личните финансиски сметки.