Светското фудбалско првенство во Бразил е второто по посетеност во историјата на мундијалите.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека просечната посетеност на натпреварите во досегашниот тек на првенството во Бразил е 52.762 гледачи по натпревар.
– Мислам дека рекордот нема да биде соборен во скоро време, првенствено поради капацитетите на стадионите кои ги имаше на Мундијалот во САД, изјави портпаролката на ФИФА Даниела Фишер.
Мундијалот во Бразил на вечната листа по посетеност го мина првенството од 2006 година одржано во Германија каде во просек имаше по 52,491 гледачи по натпревар. Сепак, тековниот шампионат е далеку зад просечната бројка на посетеност на првенството во САД 1994 година, кога во просек фудбалските натпревари на Мундијалот ги следеле по 68,991 гледачи.
Досега на 60-те одиграни натпревари во Бразил вкупно на стадионите биле присутни 3.165.693 гледачи, бројка која сигурно ќе биде зголемена на неколку стотини илјади имајќи во предвид дека остануваа уште четири натпревар, двата полуфинални, финалниот и дуелот за третото место.