Поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден, побарал од руските власти за една година да му се продолжи рокот на неговиот привремен азил во земјата, соопшти денеска весникот „Известија“, цитирајќи извор од Федералната миграциска служба (ФМС).
Руската Федерација во август му даде азил на Сноуден за период од една година, до 31 јули. Вчера беше крајниот рок за поднесување на молбата за продолжување на рокот на азилот.
Сноуден во 2013 година го предизвика можеби најголемиот скандал во светот кога ги откри американските програми за шпионажа, вклучувајќи ги и оние на сојузниците.
САД бараат нивниот државјанин да им биде предаден за да му се суди под обвинение за оддавање државна тајна.