Во Мјанмар денеска беа уништени 2,7 тони наркотици, запленети во земјата и во соседен Тајланд во последните осум месеци.
Вредноста на оваа дрога на локалниот нарко пазар е над 400 милиони долари.
Во денешното уништување на наркотиците, направено по повод Светскиот ден за борба против дрогата, имало 1,3 тони опиум, 225 килограми хероин и 1,2 тони таблети метамфетамин.
Релативно спектакуларното количество на уништени наркотици не значи дека во ова подрачје, особено во познатиот „Златен триаголник“ е остварено нешто значајно во акциите за сузбивањето на производството на наркотици.
Обединетите Нации, токму денеска, објавија извештај според кој производството на дрога во овој дел на светот е во пораст.
Според шефот на комисијата за борба против наркотици на Мјанмар, речиси е невозможно да се запре производството на опојни средства во регионите каде што водачите на племенските заедници одбиваат соработка со властите. Слична ситуација се забележува и во Лаос и Тајламд.