Што се случува кога на власт ќе дојдат екстремни десничари?

Од:

На ѕидот на стариот изборен штаб на Француската комунистичка партија виси парола: – Нивните насмевки ќе ги излажат само наивните.

Петстотини метри подалеку, пред градското собрание во Енен-Бомон, стар рударски округ, Стив Бријо не ја симнува насмевката од лицето. По 18 години кампања за екстремно десничарскиот Национален фронт (ФН), градот е сега под негова контрола. На крај беше доволен само еден изборен круг.

Ширум Франција на ФН расте популарноста. Локалните избори во март беа најуспешни во 42-годишната историја на партијата, со нешто помалку од 1.500 локални пратеници и 11 нови освоени градови во индустриските области на север и југ. Резултатите од неодамнешните европски избори го потврдуваат она од кое многумина се плашеа: дека ФН, партија која до пред само неколку години не беше пристојно да се спомнува, сега е значајна сила во француската политика.

Во националните медиуми, Енен-Бомон стана симбол на овој успех. Тука, како и во многу други места, поранешните симпатизери на комунистите се приклучија на крајната десница, привлечени од локалните интереси кои ги сметаат за чесен и популистички антикапитализам кој ги поврзува со интелектуалните корени.

– Градоначалникот користеше исти говори како крајно левото сидникално движење – вели Октав Нитковски, локален блогер кој студира во Париз.

– Успеа бидејќи социјалистичките и комунистичките партии се целосно корумпирани.

На крајот од руралниот Енен-Бомон стои поранешна фабрика за куфери и чанти Самсонајт, оголена и на пола урната. Ѕидовите се нечисти и бледи. Тукашните деца нашле игралиште во урнатините на капитализмот.

Не се единствени. Во 2005 година оваа фабрика припаѓаше на финансиската фирма на Мит Ромни, Баин Капитал. Продадена е за 1 евро на компанија која се обврза дека ќе произведува соларни панели, но наместо тоа фабриката ја доведе во стечај. Како што тврдат работниците, Баин Капитал испланирала цело сценарио: да се откачи од несаканото производство, а на работниците да не им исплати отпремнини кои им припаѓаат.

Тоа е приказна во која се гледа огорченост на градот каде стапката на невработеност моментално е 18 отсто и каде никој не верува во десниот УНП или левиот центар ПС, дека нудат вистински решенија.

– Политичарите го напуштија нашиот регион – вели 39 годишниот Бенихау Фахим, син на алжирски доселеник. – Нема повеќе страствени луѓе.

Токму тоа Стив Бријо вети дека ќе го промени. Во текот на кампањата беше достапен, два пати неделно на пазарот, слушајќи ги мештаните, поздравувајќи се со нив. Правеше дури и компромиси. Пред фламанско-готската кралска куќа на чие чело е сега, знамето на ЕУ нелагодно виси покрај француската тробојка, по протестите на локалните активисти.

– Не ми се допаѓа изразот идеологија – ни вели тој. – Мислам дека е погрден. Нашата програма е фокусирана на буџетски прашања, локалните даноци, криминалот и казнената политика. Зборувавме за локален базен, фудбалски терени, за културни прашања, за платите на јавните службеници. Расните поделби, имиграцијата и противречностите на муслиманското населување наобично се отсутни од овој дискурс. Но, по само еден месец на функција, имиџот на Бријо како прагматичен градски менаџер е разнишан со неговата наредба за иселување на локалниот огранок на Лигата за човекови права, група која се бори против антисемитизмот и расизмот, уште од аферата на Драјфус.

Заканувачка порака од ФН доби и градската црква, тврди Нитковски, откако нејзиниот свештеник Жан Мари Лохај ги опиша нивните ставови како неспоиви со католичката вера.

Меѓутоа, изгледа дека тоа мештаните не ги погодува. Имиџот на кој ФН сака да проектира: лојални, практични градски менаџери, политичари кои ја завршуваат работата, изгледа дека успева.

– Можеби се лицемери, но за нас ништо не се промени – вели еден Турчин, сопственик на ресторан кој се наоѓа веднаш покрај градското собрание. – Дури и Марин Ле Пен тука прошета и се ракуваше со нас.

Ако Енен-Бомон ги потврдува тезите дека ФН се детоксификувала, во другите места работите стојат поинаку. Во Мант Ла Ви, мало индустриско предградие на Париз, има многу показатели за традиционалните догми на ФН. Тука генерацијата, носталгична за повоениот период наречен Тренте Глориус, 30 славни години, стана огорчена.

– Материјално сиромашните луѓе ги обвинуваат другите за својата сиромаштија – вели Фредерик Омони во својот дом во центарот на градот. – Ги мотивира љубомора и страв, зборуваат дека странците ги крадат државните ресурси.

Фредерик има 55 години и цел живот го поминал во Мант Ла Ви работејќи како водоинсталатер, таксист и сега како својот татко, работник во локалната фабрика. Непријателскиот став на градот кон имигрантите, не го погодува директно, но ја погодува неговата сопруга Даду 28 годишна жена од Сенегал.

– Тивко зборував на телефон во воз за Париз, а една жена ме опомена да зборувам потивко. Кога и реков дека е непристојна, таа ми одговори: Ќе видиме што ќе се случи на изборите.

Сакаше да каже дека ќе ме протера.

Според тврдењата на политичките коментатори и луѓето од самата партија, Марин Ле Пен ја омекна ФН, претворајќи ја оваа група колаборационисти и револуционерни националисти во анти-расистичка, дури и либерална партија. Но, во Монт Ла Ви, каде една третина од населението се муслимани, стариот расизам покажува заби.

– Не се чувствуваме пријатно – вели Азедин, 54-годишен побожен муслиман кој цел живот го поминал во Франција. – Исламот постои со векови, ние се залагаме за слобода и мир за сите. Ова што се случува не е праведно.

Азедин стои пред старата локална џамија, премала за заедница која се обидува да врши служби. Ѕидовите се ронат, а покривот е покриен со импровизирани пластични плочи.

Според плановите кои ги одобри поранешниот градоначалник џамијата треба да се урне и на тоа место да се гради паркинг. Плановите за многу поголем објект, адаптиран од зградата на државниот трезор, ја одобри претходната градска власт. Но, Сирил Наут новиот градоначалник од ФН, сега ги поништи. Когаа ќе се сруши оваа градска зграда, локалната муслиманска заедница нема да има место за заеднички богослужби.

– Работите многу се променија – вели Абделазиз Ел Џохри, претседател на џамијата, непосредно по попладневната молитва.

– Тензиите сериозно се зголемуваат. Добивме неколку писма од милитантни членови на ФН, со навреди и закани. Ни ставија свинско во поштенското сандаче и рекоа дека градоначалникот треба да го исчисти градот од муслиманската раса. ФН сака да се нормализира и да се претстави како републиканска партија. Но, идеологијата на нејзините членови воопшто не е променета.

Огромен бетонски надвозник се издига над центарот на Ајанж, порано успешен металски град во Мозел. Автомобили возат, ном ретко кој застанува. Во длабоката внатрешност на Лорен, ова е т.н. невидлива Франција, невработеноста е висока, индустријата пропадната, а исчезна довербата во политиката.

Минатата година градот го погоди гаснењето на огромните високи печки во соседното место Флоранж, како последна капка во долгиот, бавен процес на економското и културното пропаѓање. Оланд вети дека ќе ја спаси фабриката во сопственост на корпорацијата Арселор Митал, по заморните индустриски судири, но се покажа дека ветувањето остана празно.

Уште лани, новиот градоначалника Фабијен Енгелман, беше активист на синдикатот ЦГТ и член на левичарската Нова антикапиталистичка партија НПА. Сега го поминува времето критикувајќи ја мухамеданската идеологија и укинувајќи ги стекнатите права на имигрантите. Неговите зборови наидуваат на добар одек.

– Ајанж порано беше многу богат, жив град – вели 68-годишната Паскал во локалната фурна.

– Сега се претвори во гробишта. Таму каде што ќе завладее сиромаштија, веднаш се појавуваат гаврани. Не разбирам зошто даваме помош на луѓе од странство кога нашите луѓе не добиваат ништо.

Преку патот, во барот Централ, Данијел собирач на смет, пие еспресо. Неговите родители се Алжирци, но тој е роден во Ајанж.

– Мака ми е од ова – вели тивко.

– Сакаат да ја урнат џамијата, велат дека има премногу халал месари. Градоначалникот ги обвинува странците за пропаста и дава предност на Французите.

Неговите стравови се повеќе од оправдани. Енгелман вети колење на свињи во Ајанж, ако дојде на власт. Сега, ако биде по негово, синовите и ќерките на муслиманските верници како Данијел нема да имаат оброци без свинско во училиштата.

– Ако се случи тоа, ќе се иселам од градов – вели Данијел видно потресен. – Поради децата.

Додека го завршуваме разговорот, ја врти главата да ги скрие солзите.

Во покраинската влада на Лорен, никој не сака ФН да успее. Се плашат дека на Ајанж ќе бидат укинати пресудните финансиски субвенции како еден вид колективна казна; локалното население да не стекне добар впечаток за ФН.

Ова е депримирачка загриженост за град на кој очајнички му треба помош, но тоа за жал не е единствен таков град во Франција. Бидејќи екстремната десница станува се повеќе популарна на континентот, на национално и европско ниво, проблемите допрва почнуваат.

Њу Стејтсмнт – Лондон

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Голема поплава во Кан, водата носеше автомобили

Париз блокиран: Илјадници луѓе протестираат

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

Протести низ Франција против именувањето на Мишел Барние за премиер

Макрон го назначи Барние за шеф на владата

Уапсен сопственикот на Телеграм