Џејмс Ризен, новинар на американскиот весник Њујорк тајмс, најави дека се подготвува да биде осуден на затвор во судски спор во кој одбива да го открие изворот на информациите кои ги објавил. Врховниот суд на САД вчера ја отфрли жалбата на Ризен, по што новинарот изјави дека останува на ставот дека нема да го открие својот извор.
– Многу пати реков дека попрво ќе одат во затвор, изјави Ризен. Ризен е повикан да сведочи во процес против Џефри Стерлинг, поранешен агент на американската Централна разузнавачка агенција ЦИА, кој е обвинет дека на новинарот му доставил доверливи информации.
Стерлинг на Ризен му открил дека американското разузнавање се вмешало во обид на државата Иран да набави доверливи нацрти за изработка на нуклеарна бомба.
Според тврдењата на Стерлинг, САД на Иранците им доставиле лажни нацрти, при што нуклеарната бомба немало да функционира доколку биде направена, но Стерлинг тврди дека руски научник ангажиран од Иранците ги забележал намерните грешки во дизајнот и ги корегирал.
Според сведоштвото на Стерлинг, за кого Ризен во 2006 година објави и книга, последица на овој план на ЦИА било тоа што Иран е многу поблиску до изработка на нуклеарна бомба. Стерлинг, за објавувањето на овие информации, е обвинет за откривање доверливи информации.
Новинарот Ризен, инаку добитник на Пулицеровата награда, одбива да се појави како сведок на неговото судење, поради што и самиот се најде обвинет за непочитување на судот.
Врховниот суд на САД вчера пресуди дека новинарот може да биде принуден да сведочи, или да се соочи со затворска казна. Ризен во моментов се уште работи во Њујорк тајмс, на објавување информации од колекцијата што пребеганиот разузнавач Едвард Сноуден ја зема од Националната безбедносна агенција НСА.