Американското разузнавање синоќа објави и-мејл на својот поранешен соработник Едуард Сноуден, испратен пред повеќе од една година, во обид да ги демантира неговите тврдењата дека се обидел да ги предупреди високите преставници за неправилности во Агенцијата за национална безбедност (НСА).
Сноуден, кој доби азил во Русија по обелоденувањето на програмите за шпионирање на НСА, во интервју за Ен-би-си, изјави дека се обидел да ја предупреди правната служба на разузнавачките агенции за незаконскиот карактер на програмата.
НСА сега објави и-мејл испратен до правната служба од страна на Сноуден на 5 април 2013 – два месеци пред обелоденувањето на програмата. Во кусото писмо Сноуден бара појаснувања за правното значење на указот во однос на законски текст.
Во писмото тој се интересира само за хиерархијата на директивите во Министерството за одбрана и во управувањето со разузнавањето.
Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни рече дека во и-мејлот не се покренуваат прашања и не се изразува вознемиреност во врска со незаконски дејствија или злоупотреби, туку е поставено правно прашање. Карни истакна дека тоа е единствениот и-мејл од Сноуден од тој вид, откриен од Администрацијата.