Ланскиот финалист во НБА лигата Сан Антонио е на една победа до повторување на резултатот од лани откако ноќеска во натпреварот број 5 на домашен терен ја победи Оклахома Сити со 117:89 (32:32; 33:23; 29:19 и 23:15). Сан Антонио сега води со 3-2 во добиени натпревари во финалето на „Запад“, притоа сите пет дуели завршија со победа на домаќинот.
По изедначената прва четвртина Сан Антонио во следните три беше убедлив и на крајот сосема заслужено славеше со 28 поени разлика. Шест играчи кај победникот имаа двоцифрен број поени, а Тим Данкан и Ману Џинобили беа најефикасни со 22 односно 19 поени.
Кај Оклахома Сити Кевин Дјурант со 25 поени беше најефикасен.
Следниот натпревар се игра во сабота навечер на теренот на Оклахома Сити, додека вечерва е дуелот број 6 меѓу Мајами и Индијана (3-2 за Мајами).